121/1998-0-0

121/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и врз основа на член 28 став 1 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на

– член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 4/95); и уставноста и законитоста на

– Заклучокот на Собранието на Република Македонија бр.02-1654/12 од 17 мај 1996 година и

– Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92).

2. Здружението на воените пензионери на Република Македонија – Скопје му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба од законот била неразбирлива, двосмислена и со неа се повредувало стекнатото право за определено зголемување на пензиите на воените осигуреници на кој начин се повредувал член 52 став 4 од Уставот, затоа што со оспорениот Заклучок со кој е утврдено дека нема потреба од автентично толкување на членот 197 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија се повредува Уставот на Република Македонија и затоа што за оспорената одлука немало формална и материјална основа за нејзино донесување.

3. На седницата Судот утврди дека во член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија е предвидено дека пензиите на воените осигуреници пред денот на почетокот на примената на овој Закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон, во обем и висина определени со тие прописи, со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.

Понатаму е утврдено дека Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.6/94 од 25 октомври 1994 година и У.бр.246/96 од 5 февруари 1997 година не повел постапка за оценување уставноста на членот 197.

Во наведените предмети, покрај другото, како причини за оспорување било наведено дека овој член има ретроактивно дејство со што се задирало во стекнатите права на воените осигуреници и се повредувало начелото на еднаквост.

Во образложението на решението, Судот оценил дека на овие осигуреници Законот им ги уредил посебните социјални права во обем и висина како што веќе биле определени со прописите според кои го стекнале правото на пензија, а тоа што предвидел овие пензии да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија не претставува повреда на нивното стекнато право на пензија туку само лимитирање на овој вид пензии што е условено од можноста на Фондот за нивна исплата затоа што средствата за овие намени се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и дека со оваа одредба не се нарушува начелото на еднаквост.

Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија оспорениот член го оценувал од истите причини во претходните предмети, а по повод на иницијативата не наоѓа основ за поинакво одлучување се одлучи како во точкта 1 од ова решение.

4. Судот исто така утврди дека по предметот У.бр.51/94 од 13 октомври 1994 година не повел постапка и утврдил дека формална основа за донесување на оспорената одлука е член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90), (со кој се уредуваат видовите на акти што може да ги донесува Владата), додека нејзината материјална основа е член 1 од Законот за мерките што можат да се преземаат заради спречување и отстранување на нарушуваата на тековите на општествената репродукција на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91), со кој е утврдено овластување на Владата да презема вакви мерки. Судот, исто така, констатирал дека наведениот закон престанал да важи, но дека во времето на донесувањето на оспорената одлука, тој бил во сила.

Уставниот суд на Република Македонија по повод на други иницијативи со решение У.бр.208/94 од 8 март 1995 година, решение У.бр.266/95 од 13 септември 1995 година, решение У.бр.97/96 од 8 мај 1996 година, решение У.бр.161/96, решение У.бр.206/96 ги отфрлил иницијативите за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука со образложение дека Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одлука, а немал основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одлука неколку пати е оценувана пред Уставниот суд, а Судот не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. По однос на барањето од иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот на Собранието на Република Македонија со кој Собранието не дало автентично толкување, Судот оцени дека Заклучокот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што, тој не е подобен за уставно судска оценка.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 121/98)

Leave a Reply