67/1998-0-0

67/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 155 од Статутот на општина Теарце, донесен од Советот на општина Теарце под бр.08-47/1 од 2.06.1997 година, и

б) член 25 од Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Теарце донесена, исто така, од Советот на општина Теарце под бр.08-47/4 од 2.06.1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Сервет Ќамили од с. Теарце, Тетово со Решение У.бр.67/98 од 3 јуни 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од актите означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 52 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Теарце на седницата одржана на ден 2.06.1997 година го донел Статутот на општина Теарце под бр.08-47/1, како и Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Теарце под бр.08-47/4.

Со Статутот на општината, а во согласност со член 8 од Законот за локалната самоуправа, се уредуваат надлежноста на општината, организацијата и работењео на органите и телата на општината, како единица на локалната самоуправа, облиците и начинот на учеството на граѓаните во одлучувањето за работи од локално значење, основањето, работењето и облиците на месна самоуправа, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Во оспорениот член 155 од Статутот се предвидува дека “Статутот на Општина Теарце влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Теарце”.

Со Одлуката за основање на управни и административни органи на општината Теарце, освен што се основаат управните и административните органи на општината, се утврдува нивната надлежност, се уредува остварувањето на нивната соработка со подрачните единици на министерствата и другите органи на државната управа како и други прашања од значење за нивното функционирање.

Во оспорениот член 25 од Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Теарце се предвидува дека “Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Теарце”.

5. Според член 51 став 1 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од одредбата на член 52 став 1 од Уставот произлегува дека, освен законите, и другите прописи пред да влезат во сила мора да се објават односно, и тие мора најнапред да се објават, па потоа да влезат во сила.

Со оглед на тоа што во оспорените членови од Статутот и Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Теарце, кои според видот и содржината претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, се предвидува дека овие акти влегуваат во сила со денот на донесувањето, односно пред нивното објавување во “Службен гласник на Општина Теарце”, Судот утврди дека со оспорените членови е повреден уставниот принцип за објавување на прописите пред нивното влегување во сила поради што и оцени дека истите не се во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.67/98)

Leave a Reply