76/1998-0-0

76/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 7о алинеја 13 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на
а) член 58 од Деловникот на Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.20/95 и 33/95);
б) членовите 36 и 39 во однос на членот 58 од Деловникот означен под а) во точката 1 од ова решение,
в) точката 2.1 во која спаѓаат членовите од 22 до 44, точката 2.2. во која спаѓаат членовите од 45 до 57 и точката 2.3. во која спаѓаат членовите 58 и 59 од Деловникот означен под а) во точката 1 од ова решение.

2. Нада Пауновска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Деловникот, означени под а), б) и в) во точката 1 од ова решение, затоа што; при предвидувањето на комисиите на Владата за решавање во управна постапка во втор степен не била предвидена комисијата за станбени прашања; постоела меѓусебна несогласност на членовите 36 и 39 со член 58 од Деловникот; не било предвидено право на жалба против решенијата донесени од посебните комисии на Владата на Република Македонија, со што се повредувало загарантираното право на жалба од Уставот, односно против актите (одлуките и решенијата) што ги носеле овие комисии, како правен лек бил предвиден приговорот чие дејство не можело да се изедначува со жалбата.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 58 од Деловникот, комисијата за станбени прашања не е преевидена како комисија на Владата за решавање на управни работи од втор степен; дека во членот 36, меѓу другите посебни комисии на Владата, како таква е предвидена и комисијата за станбени прашања; дека во членот 39 од Деловникот се определени надлежностите на комисијата за станбени прашања, меѓу кои, купување и изградба на станови и доделување на станови на користење на функционерите, раководните работници, работниците во министерствата и другите органи на управата, доделување на станови за службени потреби и сл. и дека членовите што спаѓаат во точките 2.1., 2.2. и 2.3. регулираат прашања од процедурална природа (обезбедување на постојани и повремени тела, именувањето, составот и работата на членовите во овие тела и сл.).

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Исто така, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи го предвид изнесеното, во контекст на содржината на оспорените одредби, Судот оцени дека не постои основ за одлучување од причина што тој е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.

Исто така, согласно цитираната одредба од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува ниту за меѓусебната согласност на поедини одредби од оспорениот акт, како ни да ја оценува уставноста и законитоста на одредби од процедурална природа.

Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата во смисла дали со давањето можност за приговор против одлуката на Комисијата за станбени прашања на Владата на Република Македонија, на подносителката на иницијативата и се ускратува правото на жалба, загарантирано со Уставот, и дали приговорот како таков може да ја замени жалбата во смисла што одлуката по приговорот на првостепената комисија може да се смета за конечна и против истата може да се води управен спор, Судот смета дека истите се неосновани поради следното:

Имено, согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Во конкретниот случај, а имајки ја предвид горе наведената одредба, подносителката на иницијативата неосновано смета дека во Деловникот, Владата требала да предвиди комисија за решавање на работи во втор степен од областа на станбените прашања.

Ова од причина што, решавањето на станбените прашања, во случајов, утврдување на станарско право на подносителката на иницијативата, како корисник на стан, чиј носител на правото, претходно бил нејзиниот татко, не е управна работа, поради што Судот смета дека по ова прашање не може да се води управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија.

Имено, за управни работи, односно за донесување на управни акти во управна постапка пред надлежните органи во смисла на член 15 од Уставот, Судот смета дека мора да биде загарантирано правото на жалба, како што впрочем и е предвидено во член 58 од Деловникот на Владата.

Што се однесува до барањето на подносителката на иницијативата за одредување носител на станарско право, Судот оцени дека истата може со тужба пред редовен суд да бара утврдување на станарско право, односно дека во таа постапка и е загарантирано и правото на жалба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.76/98)

Leave a Reply