198/1997-0-0

198/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Графичкиот приказ (искартирана подлога) за Месната заедница “Дексион”, составен дел на Одлуката за донесување на План за реализација на урбанистичката единица “Ѓорче Петров”-Скопје (“Службен гласник на Град Скопје бр.316/68), донесена од Советот за урбанизам на Град Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Александар Ристиќ од Скопје со Решение У.бр.198/97 од 13 мај 1998 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за регионално, просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.7/65 и 16/67).

4. Судот на седницата утврди дека Одлуката со која е донесен Планот за реализација на Ѓорче Петров (“Службен гласник на град Скопје” бр.316/68), се однесува на целата населба Ѓорче Петров, како една урбанистичка целина. Измените на Планот за реализација што се вршени на просторот определен како урбанистичка единица “Ѓорче Петров” и кои се донесени во постапка пропишана со Закон не се однесуваат на просторот кој припаѓа на Месната заедница “Дексион”. За овој простор важи Планот за надградба (надградување на бараките П+1), а парцелацијата е преземена од Планот за реализација на урбанистичката единица “Ѓорче Петров”, донесен во јули 1968 година, со измени во пристапните патеки до урбанистичките парцели, со оспорениот графички приказ за кои, Градскиот комитет за урбанизам, комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина досега, ниту тогашниот Совет за урбанизам нема спроведено постапка за измена на Планот.

5. Со Законот за регионално, просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.7/65 и 16/67), кој важел за време на донесување на оспорениот план, регионите, населените места и одделните подрачја се изградуваат и уредуваат на основа регионални, просторни планови и урбанистички планови кои ќе се утврдат според одредбите од овој закон, а според член 18, исто од овој закон, со урбанистичкиот план се утврдува намената за користењето на просторот, сообраќајната мрежа, системот на градбата и други елементи карактеристични за изградбата, уредувањето и развитокот на населеното место односно одделното подрачје.

Во членот 22 од Законот е предвидено дека плановите за реализација содржат детален урбанистички план и проекти за комуналните инсталации (водовод, канализација, електрична мрежа и друго).

Според член 11 од Законот општинското собрание е должно да обезбеди јавен увид во регионалниот простерен план и урбанистичкиот план пред да бидат донесени. Во ставот 2 на овој член е предвидено дека постапката за донесување на регионалниот просторен план и постапката за обезбедување на јавен увид ја утврдува општинското собрание.

Според член 25 од Законот урбанистичкиот план може да се измени и дополни доколку битно се изменети економските услови според кои е донесен или ако тоа е неопходно поради дејство на виша сила, а во ставот 2 на овој член е предвидено дека измените и дополнувањата на урбанистичкиот план се вршат по постапка за донесување на планот.

Од наведените законски одредби произлегува дека урбанистичките планови и нивните измени и дополнувања се донесуваат во постапка утврдена со закон и под услови утврдени со закон.

Поаѓајќи од содржината на урбанистичкиот план односно дека со него се утврдува намената на користењето на просторот, сообраќајната мрежа, системот на градбата и други елементи карактеристични за изградбата, уредувањето и развитокот на населеното место односно одделно подрачје, според мислењето на Судот измените на планот поради усогласување на пристапните патеки до урбанистичките парцели претставуваат измени во поглед на сообраќајната мрежа што е елемент на урбанистичкото планирање. Според тоа, графичкиот приказ (искартирана подлога) претставува измена и дополнување на графичкиот дел на Планот за реализација “Ѓорче Петров” од 1968 година, и со оглед на тоа што не е донесен во постапка за измена на план, предвидена со закон, Судот оцени дека тој не е во согласност со означениот закон.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.198/97)

Leave a Reply