161/1997-0-0

161/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 мај 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Туристичката населба “Претор” – Ресен, број 08-237/3 од 3 јули 1996 година, донесена од Собранието на Општина Ресен.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Постапувајќи по иницијативата поднесена од Владимир Стефановски, Тодор Симовски, двајцата од Скопје, Божидар Кочов од Битола, и други, Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.161/97 од 1 април 1998 година поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Туристичката населба “Претор” -Ресен, број 08-237/3 од 3 јули 1996 година, донесена од Собранието на Општина Ресен, бидејќи најде дека основано се поставува прашањето за законитоста на оспорената одлука од аспект на нејзината согласност со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

4. На седницата Судот утврди дека со Решение бр.08-159/1 од 10 август 1994 година, донесено од Собранието на Општина Ресен, бил ставен на јавен увид Нацрт Деталниот урбанистички план за Туристичката населба Претор. Јавниот увид траел од 10 август 1994 година до 24 август 1994 година, со излагање на Нацрт-планот во просториите на Собранието на Општина Ресен и во Месната заедница во село Претор. Во решението е наведено дека јавната расправа по Нацрт-планот ке биде дополнително закажана и се определени претседавачите на собирот.

По завршувањето на јавниот увид, Комисијата за разгледување на пристигнатите забелешки изготвила Образложение за неприфатените и делумно прифатените забелешки на граѓаните, кое е составен дел на Планот.

Стручна рецензија на Нацрт-планот е дадена од Заводот за урбанизам, проектирање и изработка на студии – Прилеп, со предлог да се изготви Предлог – план.

Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на 12 јануари 1996 година дало Согласност бр.16-3867/1 на Предлог – планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Туристичката населба “Претор” – Ресен, после што, на 3 јули 1996 година, Собранието на Општина Ресен ја донело оспорената Одлука.

Исто така, Судот утврди дека за овој простор, како и за целиот простор на Општина Ресен, не е донесен основен, односно генерален урбанистички план, дека пред донесувањето на оспорената Одлука не е прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости и дека најблиските индивидуални објекти предвидени со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план се наоѓаат на оддалеченост помала од 50 метри од линијата која во планот е земена како линија на највисок утврден водостој на Езерото. Имено, видно е од известувањето добиено од Републичкиот хидрометеоролошки завод, број 10-1656/2 од 12 декември 1997 година, дека највисокиот утврден водостој на Преспанското езеро, кој се однесува за периодот 1951/52 – 1996/97 година, изнесува 446 цм. или кота 852.14 мнв.

Во известувањето добиено од Републичката геодетска управа, број 03-541/3 од 10 март 1998 година и Записникот за извршениот увид во геодетскиот оригинал (план) ПРЕТОР 18 за катастарската Општина Претор, Општина Ресен, и извршеното споредување на катастарскиот план (од аерофотограметриско снимање од 1992 година) со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Туристичката населба “Претор” – Ресен од 3 јули 1996 година, се наведува: “Од извршениот увид и споредувањето на истите е констатирано дека на катастарскиот план со висинска претстава дел од патот (покрај брегот на езерото, јужно од РО Водостопанство “Преспанско Езеро” – Претор) се наоѓа на надморска височина од 852.10-852.20 метри. Растојанието од осовината на патот до најблискиот предвиден индивидуален објект изнесува 10 метри, односно од изохипсата со кота 852.00 до најблискиот објект изнесува 17 метри. Додека дел од објектите предвидени како комерцијални (хотели) се предвидени на самата кота 852.14, односно од изохипсата со кота 852 метри на растојание од 5 метри”.

5. Согласно член 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/77, 8/80, 51/88), градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови. Плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Согласно член 85 став 4 од Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 31/87, 51/88, 20/90, 23/90, 24/91, и “Службен весник на Република Македонија” бр.83/92), како крајбрежен појас на езеро, во смисла на овој закон, се смета појасот во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој. Истото решение е содржано во членот 69 став 4 од новиот Закон за водите, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.4/98, каде што е предвидено дека крајбрежен појас на езеро и акумулации, во смисла на овој закон, е појасот во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој.

Од наведените законски одредби произлегува дека крајбрежијата на езерата, а кои, согласно цитираната одредба од Законот за водите, се определени како појас во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој, се во режим на посебна заштита. Оваа заштита, помеѓу другото, се остварува и на начин што, како претходен услов за изведување на градежни и други работи на крајбрежијата на езерата, мора да се обезбеди мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости, во смисла на членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Ова значи дека во постапката за донесување на урбанистичките планови со кои се предвидува градба на објекти во овој појас мора да биде вклучен Републичкиот завод за заштита на природните реткости кој пред донесувањето на урбанистичкиот план треба да даде мислење дали со градењето на предвидените објекти на крајбрежието на езерата би дошло до загрозување на овие природни реткости.

Имајки ги предвид цитираните законски одредби и утврдената фактичка состојба, Судот најде дека оспорениот акт не е во согласност со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, со оглед на тоа што како дел од постапката за донесување на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни и други работи во крајбрежието на езерата, кое е под посебна заштита, мора да се прибави претходно мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.161/97)

Leave a Reply