Решение У.бр.181/1995

У.бр.181/1995-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 48/88 – пречистен текст, 21/89 и 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Тодор Петров и Ѓулистана Марковска од Скопје, со Решение У.бр.181/95 од 7 јуни 1995 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

3. Во текот на постапката, Уставниот суд на 22 февруари 1996 година одржа јавна расправа по предметот, при што, расправата се водеше околу двете спротивставени гледишта.

Првото гледиште кое беше мнозинско при донесувањето на решението за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот закон, а кое поаѓа од тоа дека основата и потеклото на станарското право беше во општествениот станбен фонд, односно во општествената сопственост и дека тоа право беше обезбедно и се користеше во согласност со оспорениот закон кој се темелеше на тоа право како уставна категорија. Бидејќи Уставот не ја предвидува општествената сопственост, па според тоа и станарското право ја изгуби својата уставна основа, а рокот за усогласување на Законот со Уставот одамна е поминат, нема уставно-правна основа за задржување на Законот за станбени односи во постојниот правен поредок.

Второто гледиште поаѓајќи од истите основи, но смета дека се до потполната трансформација на општествената сопственост, станарското право е реална категорија и се до неговото згаснување, Законот за станбени односи не треба да се елиминира од постојниот правен поредок.

За одбележување е дека во јавната расправа ниеден од учесниците, во основа не ја оспори неусогласеноста на Законот за станбени односи со Уставот и потребата од донесување на нов закон.

4. Судот на седницата утврди дека во текот на постапката е донесен Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98), според кој со влегувањето во сила на овој закон (Законот влезе во сила на 16 мај 1998 година), престанува да важи Законот за станбени односи (член 59 од Законот).

Со оглед на тоа што во текот на постапката оспорениот закон престана да важи, Судот не наоѓа основи за оценување на неговата уставност во време на важењето, со што престануваат и процесните претпоставки за натамошно водење на постапката, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.181/95)

Leave a Reply