60/1998-0-0

60/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за распишување избори за месен одбор на МЗ “Вишне” Прилеп, број 08-278/1, донесена од Градоначалникот на општина Прилеп на 11 март 1998 година.

2. Месната заедница “Вишне” Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука се ограничувало правото на граѓаните во месната заедница сами да ја уредуваат постапката за предлагање, утврдување и избор на членови на Одборот на Месната заедница, што не било во согласност со член 114 став 3 од Уставот и членовите 80, 81 и 83 од Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за распишување избори за Месен одбор на МЗ “Вишне” Прилеп, градоначалникот на Општина Прилеп ја донел врз основа на член 43 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, според кој градоначалникот тогаш кога е изрично овластен донесува поединечни акти во согласност со закон и со статутот на единицата на локалната самоуправа, односно во согласност со одлуката на советот на единицата на локалната самоуправа. Како основ за донесување на оваа одлука е и член 113 став 2 од Статутот на општина Прилеп, според кој, ако одлука за распишување избор на членови на месниот одбор не се донесе во утврдениот рок, одлуката ја донесува градоначалникот на општината.

Со оспорената одлука се распишуваат избори за Месен одбор на МЗ “Вишне” Прилеп, се упатува изборите да се спроведат во согласност со одредбите на Законот за локалната самоуправа и статутот на општина Прилеп, се определува лице за предземање на потребни активности за спроведување на изборите и се упатува на потребата од координираност со Општината во спроведување на изборните активности.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 56 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), во вршењето на работите од својата надлежност советот на единицата на локалната самоуправа донесува општи акти како што се статутот, програми, планови, одлуки и други општи акти предвидени со статутот во согласност со закон.

Според член 58 став 1 од овој закон, во вршењето на работите од својата надлежност, а врз основа на закон или статут, градоначалникот, односно управните органи на единицата на локалната самоуправа донесуваат поединечни акти, а според член 59 од Законот, поединечните акти донесени во втор степен од органите на единицата на локалната самоуправа подлежат на судска контрола пред надлежниот суд согласно со Законот за судовите.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одлука за која градоначалникот имал законски и статутарен основ за нејзиното донесување, според мислењето на Судот, Одлуката за распишување избори за Месен одбор на МЗ”Вишне”-Прилеп не претставува пропис за кој е надлежен да одлучува Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.60/98)

Leave a Reply