193/1997-0-0

193/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29.04.1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 47 од Статутот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.50/94 и 34/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.193/97 од 11 март 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 47 од статутот означен во точка 1 од оваа одлука затоа што со него се пропишува за правата од пензиското и инвалидското осигурување во втор степен да одлучува, како и во прв, орган на Фондот, поради што се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот и со член 141 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 47 од означениот статут е предвидено решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во втор степен да донесува комисија на Управниот одбор на Фондот.

Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Согласно член 141 ст.1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97) против решението донесено во прв степен на Фондот односно кај работодавецот осигуреникот, корисникот на пензија или членот на семејството има право на жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен во предметите од пензиското и инвалидското осигурување односно кај работодавецот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека гаранцијата на правото на жалба против првостепените поединечни акти се остварува преку нејзиното деволутивно дејство кое овозможува во втор степен да одлучува друг орган од оној што одлучувал во прв степен.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Статутот на Фондот се пропишува дека и во втор степен одлучува ист орган (Фондот) Судот оцени дека таа не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.193/97)

Leave a Reply