136/1997-0-0

136/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29.04.1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 1 под А точка 2 од Одлуката за утврдување цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.7/97 и 54/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.136/97 од 3.12.1997 и 11.02.1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 под А точка 2 од Одлуката за утврдување цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и закон.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука Јавното претпријатие утврдило повеќе видови услуги што ги врши на граничните премини по барање односно овластување од Владата на Република Македонија и Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и ги утврдило цените за тоа.

Во оспорениот член 1 под А т.2 од одлуката е утврден надоместок за одржување на хигиена од фреквенција на домашни возила при излез од Република Македонија и странски возила при влез во Република Македонија во износ од 20 до 200 ден. односно од 1 до 10 ДЕМ, во зависност од видот на возилото. Надоместокот го плаќаат лицата што управуваат со возилата.

Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 27 став 2 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Во член 29 од Законот за комуналните дејности (“Службен весник на РМ” бр.45/97) е предвидено дека плаќањето на комуналната услуга за одржување на хигиена во градски и други населби се врши во ден/м2 како мерна единица.

Со Законот за преминувањето на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на РМ” бр.36/92, 66/92, 12/93, 31/93 и 11/94) е уреден начинот на преминување на државната граница и обврската за контрола на преминувањето од страна на Министерството за внатрешни работи која, според член 5 од овој закон, опфаќа утврдување на исправноста на патната исправа и на идентитетот на лицето, како и преглед на лицето и превозното средство. Посебни одредби за одржување на граничните премини овој закон, како ни Законот за комунални дејности, не содржи.

Уставниот суд на Република Македонија тргнува од тоа дека граничните премини несомнено претставуваат објекти во јавна употреба, односно јавно добро и дека затоа Републиката има право и должност да се грижи за нивното функционирање. Притоа, не е спорно дека доколку граничните премини се опремени со пропратни комунални објекти наменети за давање одредени услуги на граѓаните и другите субјекти, а кои не се врзани со условите за преминување на границата (паркинг простори и сл.) е допуштено наплатување на тие услуги од страна на претпријатието што стопанисува со нив, а кои граѓанинот во основа ги користи по слободен избор. Оттаму, за оценување на оспорената одредба е важно да се идентификува природата на надоместокот од фреквенција на возила, односно услугата и во чиј интерес таа се дава.

Според мислењето на Судот, јавниот карактер на граничниот премин и јавно-правниот карактер на контролата на преминот на државната граница го идентификува оспорениот надоместок како давачка со која се намирува јавен расход, а не како надоместок со кој се плаќа конкретна услуга, како што и не може да се определи за одржување на било кој јавен простор или објект. Граничниот премин е објект на државата воспоставен заради остварување на нејзините функции, па и неговото одржување, вклучително и хигиената, е нејзин интерес и функција и не може да се сведе на услуга на граѓаните, која инаку се плаќа по м2, а не по лице. Со оглед на тоа што јавните давачки можат да се воведат само со закон, Судот утврди дека оспорената одредба не е во согласност со член 33 од Уставот.

Исто така, Судот оцени дека задолжителноста на надоместокот при преминување на државната граница се јавува како услов, а со тоа и како ограничување на слободата на преминувањето на државната граница. Поради тоа Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност и со член 27 став 2 од Уставот и со Законот за преминување на државната граница и движењето во граничниот појас.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.136/97)

Leave a Reply