30/1998-0-0

30/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на изборот на членовите на Советот и на неговите тела на Месната заедница село Долно Седларце Општина Брвеница.

2. Иницијативен одбор од село Долно Седларце Општина Брвеница, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на изборот на членовите на Советот и на неговите тела на Месната заедница село Долно Седларце Општина Брвеница, затоа што изборот не бил извршен согласно Уставот на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека на собирот на граѓаните од Месната заедница село Долно Седларце Општина Брвеница одржан на 29 јуни 1997 година бил конституиран Советот и неговите тела на оваа месна заедница, со поименично назначување на граѓаните што се избрани, за што е составен записник.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што изборот на членовите на советот на месните заедници и на неговите тела не претставува пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија Судот не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.30/98)

Leave a Reply