32/1998-0-0

32/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на бројот на вработените во управните и административните органи на општина Тетово, донесена од Советот на општина Тетово, на 29 декември 1997 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи на управните и административните органи на општина Тетово, донесен од градоначалникот на општина Тетово на 13 јануари 1998 година.

3. Миодраг Мирчевски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што и покрај тоа што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.152/97 од 24 декември 1997 година ја поништил Одлуката за основање на управни и административни органи на општина Тетово, Одлуката за определување на бројот на вработените во управните и административните органи донесени од Советот на општина Тетово и Решението за прогласување на работници за кои престанува потребата од работно ангажирање во органите на општина Тетово поради структурални промени и работници кои остануваат на работа, донесено од градоначалникот на општина Тетово повторно на 21 јануари 1998 година е донесена Одлука за утврдување на бројот на работниците во управните и административните органи на општина Тетово со иста содржина како и Одлуката која е укината од Уставниот суд и Правилник за организација и систематизација на работите и работните задачи на управните и административните органи. Оспорените акти не биле во согласност со Уставот и законот.

4. На седницата Судот утврди дека на 29 декември 1997 година Советот на општина Тетово врз основа на член 29 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.60/95) член 4 став 2 од Законот за уредување на односите помеѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на РМ” бр.59/96) донел Одлука за определување на бројот на вработените во управните и административните органи на општина Тетово.

Со оспорената одлука се определува вкупниот број на потребните работници за вршење на работите и работните задачи во управните и административните органи на општина Тетово кој изнесува 17 работника, а во кој број не влегува градоначалникот, главниот архитект, секретарот на Советот и претседавачот на Советот.

Врз основа на оваа одлука во Правилникот за организација и систематизација градоначалникот на општината го определил профилот и видот на образованието, работното искуство и други критериуми за вршење на работите и задачите на поодделни извршители во службата на органите на општината. Со оспорената одлука се намалува бројот на вработените во Стручната служба на општината за 21 извршител што претставува технолошки вишок на 21 работник, па поради ова преструктуирање ќе се превземат мерки за нивно преземање со прераспоредување во новооснованите општини кои произлегле од општина Тетово како и мерки за обезбедување правото на работниците за чија работа престанала потребата во државните органи на управата доколку некој од нив не биде преземен и прераспореден.

Понатаму, во образложението на одлуката е наведено дека причина за донесување на одлуката со која се намалува бројот на работниците во управните органи е што со територијалната поделба на општината и формирање на нови општини е намален обемот на управно-административното работење во општината, а со тоа се ограничени и финансиските средства на јавните потреби.

5. Според член 19 од Законот за локалната самоуправа Советот на единицата на локалната само-управа основа управни и административни органи.

Во член 4 став 2 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат е предвидено дека бројот на вработените во управните и административните органи на општината се определува со акт на советот на општината во зависност од бројот на населениото, развиеноста на општината и вкупниот број на вработени на подрачјето на општината односно градот Скопје.

Од изнесените законски одредби произлегува дека бројот на вработените во управните и административните органи се определува со акт на советот на единицата на локалната самоуправа, при што при донесување на тој акт односно при определување на нивниот број Советот треба да поаѓа од бројот на жителите, развиеноста на општината и вкупниот број на вработените на подрачјето на општината.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука е определен бројот на вработени во управните и административните органи на општината Тетово, при што за работниците кои поради преструктуирање претставуват технолошки вишок ќе бидат преземени мерки за нивно прераспоредување во новооснованите општини, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените законски одредби.

6. Судот исто така утврди дека на 13 јануари 1998 година врз основа на член 43 точка 7 и член 92 од Законот за локалната самоуправа и член 109 и 112 од Законот за органите на управата градоначалникот на општина Тетово донел Правилник за организација и систематизација на работите и работните задачи на управните и административните органи на општина Тетово. Со оспорениот правилник се определува внатрешната организација и систематизација на работите и работните задачи со опис на школска подготовка и потребен број на извршители во управните и административните органи.

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник Судот смета дека тој е интерен акт со кој се овозможува остварување на работите на единиците на локалната самоуправа, поради што тој согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е подобен за уставно судска оценка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.32/98)

Leave a Reply