4/1998-0-0

4/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за меѓусебната несогласност на членот 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи со членот 40 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.

3. Лазар Нанев од Кавдарци, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со оспорениот член 171 се ограничувале правата на работниците утврдени со членот 72 од истиот Колективен договор што не било во согласност со членот 9 став 2 од Уставот и со членот 5 и 74 од Законот за работните односи. Исто така членот 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не бил во согласност со членот 40 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 70 од Колективниот договор, поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат од работниците со посебни должности и овластувања како и поради тежината на работите и посебните услови под кои се извршуваат, износот на средствата наменети за плата за извршување на тие работи и задачи се зголемува до 30%.

Според членот 72 од Колективниот договор на работникот утврдената плата му се зголемува: за работа подолга од полното работно време 40%, за работа ноќе и викенд денови 40%, за работа во денови на празник 50%, за работа во смени 5%. За извршените работи и поминато време на работа според ставот 1 на овој член, раководителот на соодветната организациона единица води соодветна евиденција. Наместо зголемување на платата од став 1 на овој член, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови.

Согласно членот 171 од Колективниот договор, одредбите од членот 72 на овој договор за работниците од членот 70 ќе се спроведуваат по обезбедување на дополнителни средства во Буџетот на Република Македонија.

5. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 5 од Законот за работните односи уредува дека правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот.

Според член 74 од овој закон, на работникот му припаѓа зголемена плата за работа во деновите на празници во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работна недела во висина утврдена со колективен договор.

Во конкретниот случај, со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е уредено дека заради видот, природата и сложеноста на работите што ги извршуваат, на работниците им се зголемува утврдената плата во одреден процент и тоа за работа подолга од полното работно време, за работа ноќе и викенд денови, за работа во денови на празник и за работа во смени. Тоа значи дека со одредбите на Колективниот договор во никој случај не се одземени или ограничени правата на работниците утврдени со Законот за работните односи според кој на работникот му припаѓа зголемена плата за работа во деновите на празници во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работна недела во висина утврдена со колективен договор.

Одредбата, пак, на оспорениот член 171 од Колективниот договор спаѓа во делот на преодните и завршните одредби и упатува дека утврдените права на работниците ќе се остваруваат по обезбедувањето на дополнителни средства во Буџетот на Република Македонија. Според Судот, оваа одредба ниту ги одзема ниту ги ограничува правата на вработените, туку едноставно упатува или поточно уредува дека за остварување на одредени права на работниците се потребни дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија и дека по обезбедувањето на тие средства нема да има пречка за остварување на правата во однос на зголемувањето на утврдената плата на работниците за нивната продолжена работа надвор од законски утврденото работно време. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одредба на членот 171 од Колективниот договор не е во несогласност со одредбите на Уставот и на Законот за работните односи.

6. Што се однесува до наводот во иницијативата дека членот 171 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не бил во согласност со членот 40 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната неусогласеност на колективните договори поради што Судот оцени дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.4/98)

Leave a Reply