Одлука У.бр.50/1998

У.бр.50/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Руфи Османи од село Чајле, Гостивар, за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Руфи Османи од село Чајле, Гостивар, преку својот полномошник Махмут Јусуфи-адвокат од Тетово, му поднесе на Уставниот суд на Република Македонија барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот согласно со членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, конкретно на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Како акт со кој му е повредена оваа слобода во барањето ја наведува правосилната пресуда на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17 септември 1997 година, со која е огласен за виновен за сторени кривични дела и му е изречена казна затвор. Со наведената правосилна пресуда подносителот бил осуден, помеѓу другото, и поради тоа што организирал јавен протестен митинг и јавно ја изразил својата мисла, преку формулациите во делот од изреката на пресудата каде се наведува: “по донесувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.52/97 од 21.05.1997 година со која е поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 140 од Статутот на Општина Гостивар и е уважено барањето за изрекување на времена мерка и се запираат од извршување до донесување на конечна одлука на Судот, поединечните акти или дејствија превземени врз основа на оспорениот член од Статутот, организирал и закажал за 24.05.1997 година во 13,00 часот одржување на протестен митинг на плоштадот во Гостивар под мотото “Да ја браниме службената употреба на националното знаме”, на кој не се истакнало знамето на Република Македонија, интонирана е химната на Република Албанија, а во својот говор ги искажал зборовите: “животот го даваме, знамето не го даваме”; “не ги признаваме одлуките на Уставниот суд”; “албанското знаме не водеше во многу редови во партизанските, во балистичките и во многу други албански движења, кои секогаш војуваа за ослободување на албанските територии”; “нашите територии во Македонија се наши територии, тоа нека се знае еднаш за секогаш”; “на секоја наша територија нашето знаме секогаш ќе се вее”, “нивната црна рака го искрвави тетовскиот универзитет вчера, оваа црна рака денес сака да го искрвави и националното знаме, но нека размислат добро, затоа што на нивните шлакалници ќе одговориме со шлаканици, јас им испратив јасна порака, додека сум јас во општината Гостивар никој не смее да го допре албанското знаме”; ” во изборната кампања јас ветив дека Гостивар ќе го направиме албански град, и ќе го направиме”; “ќе го употребуваме албанското знаме, службената употреба на јазикот и многу други институции кои заедно со другите албански општини ќе ги направиме многу бргу во рамките на проектот на регионализација”.

Подносителот наведува дека погоре наведените инкриминации биле извлечени од контекст на јавен настап и јавно изразена мисла и се доведени во врска со обележјата на кривичните дела – предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од член 319 став 2 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија и организирање на отпор од член 387 став 2 в.в. со став 1 од истиот Законик. Како доказ приложува правосилна пресуда на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17.09.1997 година, и предлага да се изврши увид во видео лентата од настапот на подносителот на организираниот протестен митинг на 24.05.1997 година во Гостивар. Подносителот смета дека со тоа што е огласен за виновен и што трпи санкции поради користењето на загарантираното уставно право на јавен настап и јавно изразување на мислата, на директен начин му се повредени загарантираните права утврдени со Уставот на Република Македонија, од причина што слободата на мислата со Уставот била определена како апсолутно право на човекот без ограничување и секое ограничување или дополнително регулирање значело нејзина сопствена негација, поради што смета дека неговото барање е основано и му предлага на Уставниот суд да утврди дека со поединечниот акт – правосилната пресуда на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17.09.1997 година, му се повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, и во тој дел да го поништи поединечниот акт, односно да ја поништи наведената пресуда.

Со оглед на тоа што се работело за правосилна пресуда и што осуденото лице можело да биде упатено на издржување на затворска казна, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на правосилната пресуда на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17.09.1997 година, до донесувањето на конечната одлука.

4. Уставниот суд на седницата утврди дека со пресуда на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17 септември 1997 година, подносителот е огласен за виновен затоа што: “Во периодот од 27.01.-9.07.1997 година, злоупотребувајќи ја положбата на градоначалник на Општина Гостивар со едно континуирано дејствување предизвикал и разгорил национална омраза, раздор и нетрпеливост помеѓу граѓаните на Општина Гостивар и пошироко помеѓу граѓаните на соседните општини, организирал отпор и непослушност спрема законити одлуки и мерки на државен орган на начин што:

– најпрвин при донесувањето на статутарната одлука бр.08-5/1 на Советот на Општина Гостивар за употреба на знамињата на Општина Гостивар, на Советот не укажал за неуставноста и незаконитоста од донесување на една таква одлука, а по нејзиното прогласување и објавување не ја известил Владата на Република Македонија за неуставноста и незаконитоста на одлуката, обврски кои за градоначалникот се утврдени со Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95);

– а потоа, иако знаел дека статутарната одлука е неуставна и незаконита, веднаш по донесувањето превзел дејствија за реализација на истата и тоа:

– пред зградата на Советот на Општина Гостивар на јарболите со негова дозвола се истакнати знамињата на Република Македонија, Република Албанија и Република Турција.

– Пред Првомајските празници до сите јавни институции доставил писмено известување со кое ги известува дека се должни за време на првомајските празници да ги истакнат знамињата во согласност со статутарната одлука,

– по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.52/97 од 21.05.1997 година, со која е поведена постапка за оценување уставноста и законитоста на член 140 од Статутот на Општина Гостивар и е уважено барањето за изрекување на времена мерка и се запираат од извршување до донесување на конечна одлука на Судот, поединечните акти или дејствија превземени врз основа на оспорениот член од Статутот, организирал и закажал за 24.05.1997 година во 13 часот, одржување на протестен митинг на плоштадот во Гостивар под мотото “Да ја браниме службената употреба на националното знаме”, на кој не се истакнало знамето на Република Македонија, интонирана е химната на Република Албанија, а во својот говор ги искажал зборовите: “животот го даваме знамето не го даваме”, “не ги признаваме одлуките на Уставниот суд”, “албанското знаме не водеше во многу редови во партизанските, во балистичките и во многу други албански движења, кои секогаш војува за ослободување на албанските територии”, “нашите територии во Македонија, се наши територии, тоа нека се знае еднаш за секогаш”, “на секоја наша територија нашето знаме секогаш ќе се вее”, “нивната црна рака, го искрвави тетовскиот универзитет вчера, оваа црна рака денес сака да го искрвави и националното знаме, но нека размислат добро затоа што на шлаканица ќе одговориме со шлаканица, јас им испратив јасна порака додека сум јас во Општина Гостивар никој не смее да го допре албанското знаме”, “во изборната кампања јас ветив дека Гостивар ќе го направиме албански град и ќе го направиме”, “ќе го употребуваме албанското знаме службената употреба на јазикот и многу други институции кои заедно со многу други албански општини ќе ги направиме многу бргу во рамките на проектот на регионализација”.

– организирал вооружени стражи за заштита од симнување на знамињата од јарболите пред зградата на Советот на Општина Гостивар,

– формирал централен кризен штаб при што сочинил писмен оперативен план со конституирање на централните организациони структури,

– конституирање на реонските организациони структури, конституирање на работни тела во рамките на централниот кризен штаб и регионалните кризни штабови, создавање на работно тело за составување на оперативни и стратешки план за дејствување во случај на насилна интервенција на полицијата и суспендирање на општинското раководство и советот на општината и определување на примарните како времени задачи, после кое дошло до реализација на планот, пак, како последица на ваквото дејствување на ден 26.05.1997 година настапило нарушување на јавниот ред и мир со тепачка пред зградата на Советот на Општина Гостивар на поголема група на граѓани од македонска и албанска националност, а поради насилното симнување на јарболот и знамето на Република Албанија од страна на група граѓани од македонска националност, а на ден 9.07.1997 година кога во утринските часови припадниците на МВР на Република Македонија превзеле акција за извршување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.52/97 од 21.05.1997 година и У.бр.52/97 од 11.06.1997 година со која се симнати знамињата на Република Албанија и Република Турција од јарболите, поради организираниот отпор и непослушност спрема законитата одлука дошло до значително отежнување во спроведувањето на извршувањето, а поради присуството на вооружената стража сместена во просториите на Општинската зграда и постепеното собирање на поголема маса на граѓани, чиј број постепено се зголемувал за да околу 15 часот дојде до директен вооружен судир со припадниците на МВР и насобраните граѓани, безредие и насилства на луѓе во кои 3 лица го загубиле животот, а поголем број на граѓани и припадници на МВР задобиле телесни повреди.

Со горе опишаните дејствија обвинетиот сторил кривично дело Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од член 319 став 2 в.в. став 1 и кривично дело Организирање на отпор од член 387 став 2 в.в. став 1 и двете од Кривичниот законик, па на основа член 4, 32, 35 и 39 од Кривичниот законик, му се: утврдува, за кривичното дело од член 319 став 2 в.в. став 1 од Кривичниот законик, казна затвор во траење од 8 (осум) години. За кривичното дело од член 387 став 2 в.в. став 1 од Кривичниот законик, казна затвор во траење од 4 (четири) години”.

Со истата пресуда подносителот е огласен за виновен и за сторено кривично дело неизвршување на судска одлука од член 377 став 3 в.в. став 2 од Кривичниот законик и му е изречена казна затвор во траење од 3 (три) години, за конечно да биде осуден на единствена казна затвор во траење од 13 (тринаесет) години и 8 (осум) месеци.

Со пресуда на Апелациониот суд во Скопје Кж.бр.1689/97 од 5 февруари 1997 година, пресудата на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 17 септември 1997 година, е преиначена во делот на изречената казна, така што подносителот е осуден на единствена казна затвор во траење од 7 (седум) години. Во останатиот дел пресудата е потврдена.

5. Според член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

И покрај ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, таа не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот правниот поредок мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.

Во правната теорија се познати повеќе начини на ограничување на основите слободи и права. Битно е дека, со оглед на тоа што основните слободи и права се утврдуваат со Устав, и основот за нивното ограничување мора да се наоѓа во Уставот. Еден од начините на ограничување е упатувањето со закон да се уреди остварувањето на некоја слобода или право. При тоа, со Уставот може да се предвиди обемот на ограничувањето на одредена слободата или право, кој е обврзувачки за законодавецот или општо да се определи обемот до кој законодавецот може да ги ограничи основните слободи и права. Доколку Уставот на тоа не упатува, основните слободи и права не можат да се уредат, ограничат со закон, туку нивната содржина и граници ќе се определуваат преку севкупноста на уставните определби и вредности и нормите на правниот поредок како претпоставка за реално остварување на слободите и правата загарантирани со Уставот.

Носител на законодавната власт во Република Македонија, според членот 61 став 1 од Уставот, е Собранието на Република Македонија, како претставнички орган на граѓаните, кој, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, е генерално овластен да донесува закони.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1), при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од цитираните уставни одредби произлегува правото на законодавецот преку донесување на закони да го вообличи правниот поредок и, истовремено, преку принципот на уставност, генерално е поставена границата на даденото законодавно овластување. Конечно, со предвидувањето на општата должност за почитување на Уставот и законите, се заокружува системот на функционирањето на правниот поредок.

Уставот на Република Македонија поаѓа од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци, и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода. Во корелација со членот 126 став 1 од Уставот, одредбата од член 54 став 4 значи забрана за Владата при постоење на воена или вонредна состојба да донесе уредба со законска сила со која би се ограничила слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, и тоа на општ начин кој е задолжителен за сите поединци, но оваа одредба истовремено значи и забрана за донесување на закон или друг акт со кој општо и за сите поединци или за однапред определена група луѓе би се ограничила оваа слобода, на пример со ограничување на некој од видовите на практично манифестирање на слободата на изразување на мислата.

Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно управниот спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно-правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата кое што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

6. Во барањето за заштита на слободите и правата подносителот наведува дека со поединечен акт – правосилна пресуда со која е огласен за виновен и му е изречена казна затвор за сторени кривични дела Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од член 319 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик и Организирање на отпор од член 387 став 2 во врска со став 1 од Кривичниок законик, му е повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, поради тоа што бил огласен за виновен и казнет заради користење на уставно загарантираното право на јавен настап и јавно изразеното мислење на јавниот собир кој бил одржан на 24 мај 1997 година во Гостивар. Повредата ја гледа во тоа што слободата на јавно изразување на мислата била апсолутна и неограничена, така што не можело да се трпи санкции поради нејзиното остварување.

Од увидот во предметот К.бр.213/97 и доказите приложени кон него, од образложението на пресудата на Основниот суд во Гостивар К.бр.213/97 од 16 септември 1997 година и од нејзината изрека, Судот ги утврди следните околности кои што се од влијание за оценувањето дали во конкретниот случај на подносителот му е повредена слободата на јавно изразување на мислењето:

– Подносителот јавно настапил и го искажал своето мислење на протестен митинг кој самиот го организирал и закажал, во својство на градоначалник на Општина Гостивар, под мотото “Да ја браниме службената употреба на националното знаме”, неколку дена по добивањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија со која е поведена постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Статутот на Општина Гостивар врз основа на која знамето на Република Албанија било истакнато на јарболите пред зградата на Општината, и решението на Уставниот суд на Република Македонија со кое е изречена времена мерка и се запрени од извршување до донесувањето на конечната одлука на Судот поединечните акти или дејствија презвмени врз основа на оспорената одредба од Статутот;

– Протестниот митинг на кој што подносителот јавно настапил би одржан на отворен простор, достапен за секого, на плоштадот во Гостивар, град чие што население го сочинуваат припадници на повеќе националности;

– Пред почетокот на митингот била интонирана химната на Република Албанија;

– На протестниот митинг подносителот јавно настапил и го искажал своето мислење, не во својство на обичен говорник, туку во својство на градоначалник на Општината Гостивар;

– Употребените формулации во говорот на подносителот претставуваат јасна порака до присутното население од албанска националност дека знамето на Република Албанија кое било истакнато пред зградата на Општината треба да го бранат и по цена на животот, дека во Република Македонија постојат албански територии на кои треба да се вее албанско знаме, дека припадниците на албанската националност во Република Македонија се загрозени од некого чија “црна рака” го “искрвавила” тетовскиот универзитет, а истата “црна рака” се закнува да го “искрвави” и нивното национално знаме, повикувајќи при тоа да се возврати со иста мера, да не се признаваат одлуките на Уставниот суд на Република Македонија и ветувајќи дека Гостивар наскоро ќе биде албански град, како и многу други општини во рамките на проектот за регионализација;

Понатаму Судот утрди дека подносителот превзел и дејствија за практична реализација на својата заложба да не се почитуваат одлуките на Уставниот суд на Република Македонија и да не се дозволи симнување на знамето на Република Албанија од јарболите пред зградата на Општината, на начин што организирал вооружени стражи, формирал централен кризен штаб и регионални кризни штабови и составил оперативен и стратешки план по кој требало да се дејствува во случај на насилно симнување на знамето со кој точно била определена структурата и имињата на лицата кои во таков случај би биле задолжени со прашањата за известување и пропаганда, обезбедувањето, транспортот и врските, финансиите, здравствената помош и друго.

– На 26 мај 1997 година, два дена по одржаниот протестен митинг на кој јавно настапил подносителот, пред зградата на Општина Гостивар дошло до тепачка помеѓу поголема група на граѓани од албанска и македонска националност при обидот на група граѓани од македонска националност да го симнат знамето на Република Албанија од јарболот пред зградата на Општина Гостивар;

– На 9 јули, при интервенцијата за спроведување на Одлуката на Уставниот суд за симнување на знамето на Република Албанија и Република Турција од јарболите пред зградата на Општина Гостивар, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија наишле на организиран отпор преку вооружени стражи и постепено собирање на поголема маса граѓани меѓу кои имало наоружени лица со оружје, молотови коктели, камења,метални шипки и димни бомби, со кои средства биле нападнати припадниците на Министерството за внатрешни работи, поради што дошло до директен вооружен судир помеѓу нив и насобраните граѓани, безредија и насилства, во кои три лица го загубиле животот, а поголем број граѓани и припадници на Министерството за внатрешни работи задобиле телесни повреди.

Кривичното дело Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост е определено во главата Кривични дела против државата во членот 319 од Кривичниот законик, според кој “Тој кој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови, или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години”. Во ставот 2 е определен квалификуваниот облик на делото, според кој “Тој кој што делото од став 1 го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од поголеми размери, ќе се казни со затвор од една до десет години”.

Кривичното дело Организирање на отпор е определено во Главата Кривични дела против јавниот ред, во членот 387 од Кривичниот законик, според кој “Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Според квалификуваниот облик од ставот 2 “Ако поради

делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години”.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата, која во Уставот на Република Македонија е гарантирана на исто место со слободата на уверувањето и совеста, претставува субјективно прво кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода значи дека секој може слободно, без надворешна присилба и без интеревенција на државата, да формира мислење за било која сфера од животот и истото јавно да го искаже. Слободата на мислата и јавното изразување на мислата во Уставот на Република Македонија е гарантирана на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување, и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, 1) Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење; 2) Секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират известувања и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма, или со кое било друго средство во свој избор; 3) Вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност, или јавниот поредок, или јавното здравје или морал.

Според членот 9 од Европската конвенција за човекови права, секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповест; Слободата на исповедување на нечија вера или убедување може да биде подложена само на оние ограничувања кои се пропишани со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на јавната безбедност, за заштита на јавниот поредок, здравјето или моралот, или за заштита на правата или слободите на другите.

Според членот 10 од Конвенцијата, 1) секој има право на слобода на изразување. Ова право вклучува и слобода на мислење и слобода да се примаат и соопштуваат известувања и идеи без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите да ги подложат радио и телевизиските станици и филмските компании под режим на дозволи, 2) Бидејќи вршењето на овие слободи повлекува зад себе должности и одговорност, тоа може да биде подложено на извесни формалности, услови, ограничувања или санкции предвидени со закон, кои претставуваат во демократско општество неопходни мерки за национална безбедност, територијална севкупност или јавна сигурност, за одбрана на поредокот и спречување на злосторства, за заштита на здравјето или моралот, за заштита на угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи известувања или за зачувување на угледот и непристрасноста на судството.

Компарирајќи го начинот на кој слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата е гарантирана во Уставот на Република Македонија и начинот на гарантирањето на оваа слобода во наведените меѓународни документи, се доаѓа до заклучок дека се работи за два различни приоди.

Имено, Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, и, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.

Без оглед на различноста на приодот на ограничувањето на слободата на јавното изразување на мислата, крајниот заклучок се сведува на принципот на законитоста, содржан во членот 14 став 1 од Уставот на Република Македонија (“Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна”), и на санкционирањето на дејствијата со кои се повредуваат правата и слободите на други лица и другите со Уставот загарантирани вредности, во мера која е неопходна во едно демократско општество. Впрочем, токму ова е содржината на членот 2 од Кривичниот законик на Република Македонија во кој се определени основата и границите на кривично-правната принуда, според кој “Заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и применувањето на кривично-правната принуда кога е во мера во која тоа е нужно за спречување на општествено-штетни дејствија, претставуваат основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции”.

7. Имајќи го предвид сето напред изложено, Судот оцени дека барањето на подносителот за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, е неосновано.

Имено, начинот на кој што подносителот јавно настапил и го искажал своето мислење, употребените формулации, местото на јавниот настап, својството на подносителот, целта која сакал да ја постигне и последиците кои произлегле од неговиот јавен настап, како и активностите кои ги превземал пред и после одржаниот протестен митинг, анализирани во нивната севкупност, претставува дејствие кое е директно насочено против правниот поредок, како основ за остварување на сите слободи и права, и кое се совпаѓа со битијата на кривичните дела за кои е огласен за виновен и казнет. Околноста што кривичните дела ги сторил со дејствие кое само како свој појавен облик го има јавното изразување на мислење не претставува основ за ослободување од вината за сторените кривични дела, бидејќи според околностите на случајот дејствието на подносителот сосема ја изгубило содржината на јавно изразување на мислење во смислата во која оваа слобода Уставот ја гарантира и заштитува. Ова од причина што, според околностите на случајот, јавно изразеното мислење на подносителот не се состои во изложување на негов интелектуален или политички став, ниту пак, е начин на интелектуално или политичко убедување упатено кон присутните лица на митингот, туку директно повикување и поттикнување на присутните лица од албанска националност да не се почитува односно насилно да се урива правниот поредок и предизвикување на национална нетрпеливост, раздор и омраза помеѓу населението на Гостивар во ситуација на и онака чувствителна меѓунационална тензија, како и чувство на загрозеност помеѓу населението, како од албанска, така и македонска националност, кое сето заедно имало свој трагичен епилог во настаните од 9 јули 1997 година.

8. Поради наведените причини Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.50/98)

Leave a Reply