45/1998-0-0

45/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 46, 47, 51, 117, 118, 143 и 144 од колективниот договр на Јавното претпријатие “Македонски железници” – Скопје.

2. Независниот Синдикат на сообраќајниот персонал на железничарите на Македонија, на Уставниот суд на Република македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 46, 47, 51, 117, 118, 143 и 144 од колективниот договор означен во точката 1 од оваа решение, затоа што со оспорените одредби од Колективниот договор различно се третирале одделни права што произлегувале од работниот однос во зависност од тоа дали вработениот е во возниот или станичниот персонал, така што вработените во станичниот персонал биле онеправдани во однос на возниот персонал, со што се нарушувал принципот на еднаквост и се ограничувале правата од работен однос, што не било во согласност со член 9 став 2 од Усавот и член 5 од Законот за работни односи.

3. Судот на седницата утврди дека со член 46 од Колективниот договор на јавното претпријатие “Македонски железници” Скопје, склучен на 12 јануари 1996 година, се уредува работното време во смени на работниците што непосредно учествуваат во вршењето на железничкиот сообраќај, при што, под време поминато во смени за возниот персонал се подразбира: времето утврдено за подготвителна работа и предавање на работата; времето поминато во управување со влечно возило, односно време поминато во воз; времето на прекин на работа до 2 часа во текот на траењето на смената; времето на чекање на почеток на смена подолго од 2 часа ако не се обезбедени услови за одмор, сметајќи од времето на јавување на работа, по утврдениот распоред на работа и времето поминато на мирување во станицата. За станичниот персонал, пак, времето поминато во смена се смета времето поминато за извршување на работната обврска во текот на смената.

Според член 47 од Колективниот договор, вкупното траење на смената на возниот и станичниот персонал изнесува најмногу 12 часови.

Во член 51 од Колективниот договор се определува времето кое не влегува во смената на железничките работници, исто така, посебно за возниот персонал, а посебно за станичниот персонал.

Со членовите 117 и 118 од Колективниот договор, се одредуваат зголемувањата на најниската плата за одделни степени на сложеност, при што, заради специфичните задачи на железничарите, се утврдени посебни степени и помеѓу возниот персонал во зависност од тоа дали влечата на возот се врши со или без возопридружен персонал, без помошник машиновозач и слично.

Со членовите 143 и 144 од Колективниот договор се утврдени одделни други примања, покрај платата и надоместоците на плата, како што се километражата за возниот и локомотивскиот персонал, паушалната дневница за службен пат и паушалниот надоместок.

4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Со член 32 став 5 од Уставот се утврдува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 5 од законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95 и 53/97), правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акт и дејствија на работодавецот.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека со оспорените одредби од Колективниот договор се доуредуваат посебностите во однос на определувањето на времето поминато во смена и време кое не се смета во сменмата, зголемувањето на најниската плата за одделен степен на сложеност, како и одделни други прамања, во зависност од тоа дали железничките работници се вработени во железничките станици ( станичен персонал ) или се во возниот персонал, според мислењето на Судот, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак, се одземаат, односно ограничуваат правата од работен однос утврдени со Уставот, со закон и со колективни договори. Имено, поради специфичниот карактер на вршењето на дејноста на железничкиот сообраќај, вработените нужно работат во различни услови на работа и со различни работни задачи, така што, станичниот персонал работните задачи ги извршува во станиците, а возниот персонал ги опслужува возовите. Поаѓајќи од тоа, тие две категории работници не се наоѓаат во еднаква положба, а посебностите на одделни сегменти што произлегуваат од работниот однос, се резултат на таквата нивна положба. Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од колективниот договор со член 9 став 2 од Уставот и член 5 од законот за работни односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на судот д-р Милан Недков, и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р тодор Џунов. (У.бр.45/98)

Leave a Reply