93/1997-0-0

93/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Статутарната одлука за употреба на знамињата на општина Србиново бр.08-20/1, донесена од Советот на Општината на 26 февруари 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владата на Република Македонија, со решение У.бр.93/97 од 15 октомври 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува знамето на Република Македонија да се употребува при празнување на празници на Република Македонија, при прослави и свечености, при одржување на политички манифестации, на масовни, културни, спортски и други приредби, како и при празнување во приватниот живот на граѓаните.

Согласно членот 2 од Одлуката, покрај знамето на Република Македонија во случаите предвидени во член 1 на оваа одлука се истакнува и знамето на албанската националност.

Во членот 3 од Одлуката е предвидена обврската државните органи, органите на општината, претпријатијата, установите, јавните служби, месните самоуправи и други органи на подрачјето во кое живеат припадници на албанската националност да го истакнуваат, покрај знамето на Република Македонија, и знамето на албанската националност.

Членот 4 од Одлуката предвидува припадниците на албанската националност, при празнување во приватниот живот, покрај знамето на Република Македонија, да го истакнуваат и знамето на албанската националност.

Членот 5 од Одлуката предвидува во сите случаи кога се истакнува знамето на Република Македонија и знамето на албанската националност, да се истакне и знамето на општината.

Членовите 6 и 7 од Одлуката го уредуваат постојаното истакнување на знамињата пред зградата на Општината Србиново како и во просториите на Советот и градоначалникот на Општина Србиново, при што предвидуваат димензиите на сите знамиња, при нивната едновремена употреба, да бидат еднакви.

Со членот 8 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Србиново”.

5. Согласно член 5 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна, кои се утврдуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот упатува прашањата сврзани со државните симболи на Републиката, меѓу кои и знамето на Република Македонија, да се утврдат со закон, односно дека истите не можат да бидат предмет на регулатива на општината.

Ваквото право на општината не произлегува ниту од одредбата од членот 17 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) во кој таксативно се наброени надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Правото на општината да го регулира прашањето на употребата на знамињата не произлегува и од членот 48 од Уставот, со оглед на тоа што со оваа одредба се уредува правото на припадниците на националностите слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености, а воедно се утврдува обврска на Републиката да им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.

Што се однесува до Законот за употреба на знамињата, Судот утврди дека согласно член 10 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од ЏЏИВ до ЛИВ на Уставот на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.16/89), со денот на прогласувањето на Амандманите престанале да важат одредбите од Законот за употреба на знамињата (“Службен весник на СРМ” бр.40/73) што се однесуваат на знамињата на народностите и етничките групи (националностите).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека со оспорената одлука која предвидува постојана употреба на знамето на албанската националност како и негова употреба при празнување во приватниот живот, се излегува надвор од рамките на Законот за употреба на знамињата.

Во врска со прашањето за постојаното истакнување на знамето на Република Македонија, имајќи предвид дека Законот за употреба на знамињата е дециден во смисла што ги набројува случаите кога може да се употребува знамето на Република Македонија (државни празници, прослави, свечености, културни, спортски и друг вид манифестации и при празнување во приватниот живот на граѓаните), Судот утврди дека предвидувањето на употребата на знамето на Република Македонија да се врши постојано, ја доведува во прашање уставноста и законитоста на Одлуката за употреба на знамињата на Општина Србиново и од овој аспект.

Ова дотолку повеќе што Законот за употреба на знамињата уредува кога може да се употребува знамето на Република Македонија, додека во однос на употребата на знамињата на националностите, не е содржана регулатива.

Според одредбата од членот 115 од Уставот на Република Македонија, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.

Со оглед на тоа што со Законот за локалната самоуправа ова прашање не е ставено во делокруг на општината Судот утврди дека таа со одлука не може да ја уредува употребата на знамето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека Советот на Општина Србиново, без уставна и законска основа, со оспорената одлука, го уредил прашањето за употреба на знамето, поради што оцени дека истата е несогласна со Уставот и со Законот за локалната самоуправа.

Што се однесува до прашањето за нејзиното влегување во сила пред да биде објавена во “Службен гласник на Општина Србиново (член 8), имајќи ја предвид одредбата од член 52 став 1 од Уставот според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, Судот утврди дека истата е несогласна со Уставот и од овој аспект.

6. Независно од тоа што Судот ја ценеше Одлуката во однос на Законот за употреба на знамињата од кој, согласно член 10 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од ЏЏИВ до ЛИВ од Уставот на СР Македонија, престанале да важат одредбите што се однесуваат на знамињата на народностите и етничките групи (националностите) од причина што истата е донесена во времето кога овој закон бил во сила, при донесувањето на оваа одлука Судот ги имаше предвид и одредбите од Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97) и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97) според кои прашањето за употребата на знамињата не е ставено во делокругот на надлежноста на општините, поради што оцени дека оспорената одлука е несогласна и со овие закони.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.93/97)

Leave a Reply