105/1997-0-0

105/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 90 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 90 став 3 од Законот за локалната самоуправа.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Драги Ивановски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 90 став 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа затоа што со нив се овозможувало за службената употреба на јазикот на националностите да одлучува советот на единиците на локалната самоуправа, како и тие да се употребуваат независно од бројноста на националностите во единиците на локалната самоуправа, што не било во согласност со член 7 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 90 став 2 од Законот за локалната самоуправа е предвидено во единиците на локалната самоуправа во кои во значителен број живеат граѓани, припадници на националноста, имињата на населените места, натписите на јавните служби и установи, натписите на претпријатијата и другите јавни натписи, да се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на националноста која е во значителен број, ако така одлучи советот на единицата на локалната самоуправа.

Според член 90 став 1, употребата на јазикот на националноста во истиве случаи е задолжителна, ако во единицата на локалната самоуправа националноста е во мнозинство.

Според член 7 став 3 од Уставот во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националноста, под услови и на начин утврден со закон.

Во член 115 став 3 од Уставот е предвидено дека Републиката може со закон да довери вршење на определени работи на општината.

Оспорената одредба од законот, ги утврдува случаите под кои е дозволена службена употреба на јазиците на националностите, но со упатувањето дека тие ефективно ќе доведат до право на употреба на јазикот само ако така одлучи советот на општината, станува неодредена правна норма која не само што не го решава прашањето на употребата на јазиците и писмото на националностите, туку и го менува нормативното ниво на уредување на тоа прашање. Од една страна оспорената одредба од Законот остава простор употребата на јазиците на националностите што во општината живеат во значителен број да зависи од волјата на мнозинството членови на Советот, па и да доведе до ситуација во различни општини со слична национална структура за тоа прашање да биде одлучено на спротивен начин. Од друга страна Судот смета дека, според член 7 став 3 од Уставот, уредувањето на прашањето на службената употреба на јазиците на националносите е исклучиво во надлежност на законодавната власт и тоа не може да се делегира на советот на општината по ниеден основ, па ни по основ на член 115 од Уставот кој може да претставува основ за пренесување на одредени извршни или управни оперативни функции, но не и основ за пренесување на законодавни надлежности. Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 90 став 2 од Законот со член 7 став 3 од Уставот.

5. Според оспорениот член 90 став 3 од Законот натписите на културните и образовните установи кои единствено служат за развивање и унапредување на културните и образовните цели на националностите, покрај на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се пишуваат и на јазикот и писмото на националноста, независно од бројот на граѓаните припадници на националноста кои живеат во единицата на локалната самоуправа.

Согласно член 48 став 3 од Уставот припадниците на националностите имаат право да основаат културни и уметнички институции, научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет. Притоа, остварувањето на овие права не е условено со бројноста на националностите на определено подрачје.

Тргнувајќи од означената уставна одредба Судот оцени дека јавниот натпис на објектите кои служат исклучиво за развивање на образвони и културни цели на националностите е составен дел на идентитетот на тие институции за чие основање националностите имаат неспорно право, независно од нивната бројност. Оспорената одредба од законот, според тоа, се однесува на изразувањето на националниот и културниот идентитет на припадниците на националностите, а не на службената употреба на нивните јазици. Поради тоа Судот оцени дека оспорениот член 90 став 3 не е во несогласност со член 48 од Уставот и одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение во став 1 Судот го донесе со мнозинство на гласови, а во став 2 едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.105/97)

Leave a Reply