170/1997-0-0

170/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.73/97, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 18 јуни 1997 година за оценување уставноста на член 51 од Деловникот на Уставниот суд.

2. На претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Василевски од Тетово, му се обрати со претставка со повеќе укажувања во врска со одлучувањето на Судот по предметот У.бр.73/97, по кој со решение од 18 јуни 1997 година му е отфрлена иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија. Од содржината на претставката произлегува дека подносителот всушност бара преиспитување на означеното решение. Според наводите во иницијативата (Судот претставката ја зема во разгледување како иницијатива) согласно даденото уставно право за активен придонес во заштитата и унапредувањето на правата и слободите (член 50 став 3 од Уставот), била покрената иницијатива за оценување уставноста на член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, која како појдовна цел ја имала токму поефикасна и навремена заштита на темелните вредности утврдени со Уставот. Спротивно на тоа Уставниот суд ја отфрлил иницијативата со образложение дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по истата. Правото на активен придонес во заштитата и унапредувањето на правата и слободите било право на сигте граѓани, па според тоа и на судиите на Уставниот суд.

Иницијативата имала своја поткрепа и во правото за покренување на иницијатива за оценување уставноста на актите. Според тоа му се поставувало прашањето, зошто тој да не може да го користи ова право и кота бил во прашање и Деловникот на Уставниот суд. Уставниот суд утврдил дека Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите со Уставот, а од друга страна Уставниот суд селектирал кој пропис ќе го оценувал. Во таа смисла го поставува и прашањето, како можело Уставот да не важи за Деловникот, односно во овој случај Уставниот суд сам се самопрогласил да го изземе и да го заштити од проверка Деловникот, со што го промовирал за недопирлив акт и покрај тоа што биле во прашање заштита на слободи и права и права од работен однос. Самиот факт што со неговата иницијатива бил ставен под сомнение најчуствителниот дел од Деловникот, заштита на правата и слободите, било повеќе од причина за сериозен пристап на Судот кон иницијативата, а бирократското однесување на Судот кон иницијативата будело сомнежи на што укажувале и привремените одговори во решението за отфрлање на иницијативата, место со аргументи да се докажело, односно образложела неиздржаноста или издржаноста на иницијативата.

Причина за поднесување на иницијативата за оценување на оспорената одредба од Деловникот била што таа била пречка да си ги заштити слободите и правата пред Уставниот суд повеќе од две години, а со крајно формалистички пристап на Судот се вршело оневозможување да му се заштитат утврдените права со Уставот со што всушност тие станувале имагинација, а не цивилизациска придобивка.

На крајот подносителот на иницијативата заклучува дека со ваквата постапка на Судот не се штитат граѓаните, туку токму субјектите кои активно ги повредувале слободите и правата и другите етички вредности или пак им се овозможуувало така да продолжат и понатаму со повреда на овие права.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.73/97 од 18 јуни 1997 година ја отфрли иницијативата за оценување уставноста на оспорената одредба на член 51 од Деловникот на Судот затоа што утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Имено, според член 13 од Деловникот подносителот на иницијативата и доносителот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд, а во членот 28 е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување. Со оглед на тоа што при оценување на Деловникот на Судот, во постапката пред Судот, Судот истовремено треба да биде учесник во постапката и како Суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на оспорената одредба.

4. Според член 13 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, подносителот на иницијативата и доносителот на оспорениот акт се учесници во постапката.

Во член 28 од Деловникот е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Од наведените одредби од Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот, во постапката пред Судот треба истовремено да биде учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одредба била предмет на оценка пред овој суд, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.170/97)

Leave a Reply