130/1997-0-0

130/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за промена на имиња на улици во Прилеп, донесена од Собранието на општина Прилеп на 16 ноември 1995 година (“Службен гласник” бр.4/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.130/97 од 10 септември 1997 година по повод поднесена иницијатива на Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија од Прилеп поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за локалната самоуправа.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се менуваат имињата на 59 улици во Прилеп. Имено во член 1 од одлуката поименично е утврдено кои улици се менуваат.

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека составен дел на Одлуката е графичкиот прилог за нумерација на улиците во Прилеп.

Во член 3 е предвидено дека одлуката влегува во сила со денот на донесување и ќе се објави во “Службен гласник на општина Прилеп”.

5. Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во единиците на локалната самоуправа согласно член 115 од Уставот граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.

Согласно уставното овластување и обврска, за уредување на локалната самоуправа со закон е донесен Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95). Според овој закон единици на локалната самоуправа се општините и градот Скопје.

Според член 11 од овој Закон основањето и укинувањето на единиците на локалната самоуправа , нивното подрачје, името и седиштето, промената на границите на единиците на локалната самоуправа и другите прашања во врска со територијалните промени на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија, се уредуваат со закон.

Според член 17 од Законот единиците на локалната самоуправа самостојно, покрај другото ги определуваат имињата на улиците, плоштадите, мостовите и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општините кои во претходниот уставен поредок претставуваа посебни општествено-политички заедници, со Уставот на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа тие се предвидени како единици на локалната самоуправа со надлежности утврдени со Уставот и со закон.

Со Уставот тие се овластени да одлучуваат за прашања од локално значење и во точно определени области, при што е дадена можност со закон да и се довери вршење и на други работи за кои ќе оцени Републиката. Во таа смисла со Законот за локалната самоуправа единиците на локалната самоуправа се овластени самостојно да одлучуваат за точно конкретно одредени работи, при што одредени работи мора да ги врши во согласност со посебен закон со кој се уредува соодветното прашање. Така, единиците на локалната самоуправа со Законот за локалната самоуправа се овластени да одлучуваат за имињата на улиците, но во согласност со закон.

Во член 29 од Законот се утврдени надлежностите на советот на единицата на локалната самоуправа, при што нема конкретно и изричито овластување за советот да донесува одлука за определување имиња на улици, туку, покрај другите точно наведени овластувања, е предвидено дека советот донесува одлуки со кои ги уредува и остварува надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Имајќи ги предвид уставните и законските одредби за концептот и надлежностите на единиците на локалната самоуправа, Судот смета дека органите на единиците на локалната самоуправа можат самостојно да одлучуваат за одредени прашања за кои се овластени да ги вршат, но во рамките и во согласност со закон, а закон за сдоодветното прашање не е донесен и не се поблиску утврдени рамките на овластувањето на органот на единицата на локална самоуправа.

Од друга страна, пак, според Законот за локална самоуправа како органи на единиците на локалната самоуправа се советот, градоначалникот, управни и административни органи (член 24 од Законот).

Имајќи го предвид изнесеното, а со оглед на тоа што овластувањето на единиците на локалната самоуправа да ги определуваат имињата на улиците е условено да се врши врз основа на закон, а закон не е донесен, како и со оглед на тоа што собранијата на општините пред влегување во сила на Законот за локална самоуправа не биле надлежни нормативно да ги уредуваат прашањата кои се однесуваат на имињата на улиците Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и со закон.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов. (У.бр.130/97)

Leave a Reply