9/1997-0-0

9/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 23 од Правилникот за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите и начинот на запишувањето на правата на недвижностите, донесен од директорот на Републичката геодетска управа (“Службен весник на СРМ” бр.5/88).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стоименовиќ Никола од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата на член 23 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа формално се вршело запишување на правото на користење на земјиштето што служи во редовна употреба и на кое е изградена зградата, а практично значело доделување на градежно земјиште во несоодветна постапка, што било спротивно на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите и Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба од член 23 од Правилникот кога се запишува зграда на која постои право на сопственост, а која е изградена на земјиштето во општествена сопственост правото на користењето на земјиштето на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за редовна употреба на зградата во имотниот лист се запишува на носителот на правото на сопственост на таа зграда.

Исто така, Судот утврди дека овој правилник е донесен од Директорот на Републичката геодетска управа, врз основа на член 56 и 73 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на СРМ” бр.27/86)и дека со него се уредува начинот и постапката за излагање на јавен увид на податоците на недвижностите утврдени со премерот (излагање) и начинот на запишување на правата на недвижностите. Имено, тој предвидува излагањето да се врши во катастарската општина пред почетокот на излагањето, комисијата за излагање со оглас да ги известува носителите на правата на недвижностите дека на подрачјето на катастарската општина ќе се врши излагање; местото и времето на започнувањето на излагањето; работното време на комисијата; времето на објавувањето на огласот за почетокот на излагањето; податоците што се користат при излагањето (премерот) начинот на работата на комисијата; постапување по приговорите во врска со определувањето на поврвнините на недвижностите; случаите кога недвижноста се запишува на општината; начинот на запишувањето на недвижноста во имотниот лист; начинот на евидентирањето на податоците во имотниот лист (со шифри); начинот на отстранување на погрешно евидентираниот имот во имотниот лист (презапишување); начинот на евидентирањето на земјиштето на кое се наоѓа објект од времен карактер и сл.

4. Согласно член 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот како и запишувањето на правата на недвижностите се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.

Под недвижности, според членот 2 од Законот, се сметаат: земјиште, згради, посебни делови од згради и други објекти изградени на земјиштето.

Членот 3 од Законот предвидува дека со премерот на недвижностите се обезбедуваат податоци за хоризонтална и вертикална претстава на земјиштето и други податоци за земјиштето, податоци за зградите, посебните делови од зградите и други објекти и за носителите на правата на недвижностите на територијата на Републиката.

Согласно ставот 2 на член 3 од Законот, катастарот на недвижностите претставува збир на податоци од премерот, бонитирањето и катастарското класирање на земјиштето и на утврдените права на недвижностите.

Ставот 2 на член 5 од Законот предвидува работите на премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите да ги врши Републичкиот орган на управата надлежен за премер и катастар на недвижностите (Републичка геодетска управа) освен одделни работи кои со овој закон се ставени во надлежност на општината.

Согласно членот 56 од Законот Директорот на Републичката геодетска управа, ќе донесе поблиски прописи за начинот на запишувањето на правата на недвижностите.

Според членот 73 од Законот Директорот на Републичката геодетска управа, ќе донесе поблиски прописи за начинот и постапката за излагањето.

Согласно член 28 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање градежното земјиште со кое управува Републиката, се доделува на користење на физички и правни лица, заради изградба на објекти.

Со решението за доделување на градежното земјиште, според ставот 2 на овој член од Законот, се утврдува инвеститор-корисник на градежното земјиште.

Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека доделувањето на градежното земјиште го врши Министерството надлежно за работите на урбанизам.

Согласно член 30 од Законот поблиските услови, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште, ги пропишува Владата на Република Македонија.

Од наведените одредби, произлегува дека доделувањето на користење на градежното земјиште се врши заради изградба на објекти, дека доделувањето го врши Министерството надлежно за работите на урбанизмот и дека поблиските услови, начинот и постапката за доделувањето на овој вид земјиште ги пропишува Владата на Република Македонија.

Врз основа на оваа законска одредба Владата донела Уредба за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.26/91).

Со оваа уредба Владата предвидува доделувањето на градежното земјиште да се врши: со непосредна спогодба, со јавно наддавање и со конкурс.

Од содржината на Уредбата Судот оцени дека Владата ги предвидува условите, начинот и постапката за доделување градежно земјиште на користење на кое треба да се гради стан или деловен објект.

Оспорената одредба од Правилникот, пак, ги предвидува начинот и постапката на запишувањето на правото на користење (не доделување) на градежното земјиште на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за нејзина редовна употреба.

Имајќи ја предвид содржината на Уредбата за условите, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште донесена од Владата на Република Македонија и оспорениот Правилник за начинот и постапката за излагањето на јавен увид на податоците за недвижностите и начинот на запишувањето на правата на недвижностите, донесен од Директорот на Републичката геодетска управа, Судот оцени дека со Правилникот не се врши доделување на градежно земјиште на користење, туку дека овој правилник се применува откога градежното земјиште е претходно доделено на користење за изградба на станбен објект и кога објектот е веќе изграден па се пристапува кон запишување на правото на користење на земјиштето на кое е изграден објектот и на земјиштето што служи за негова редовна употреба. Оспорената одредба од Правилникот неможе да се толкува изолирано од другите одредби на истиот кои го регулираат начинот на запишувањето на давањето на користење на градежното земјиште, како и од член 58 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижности кој го регулира основот за запишување на правото на користење на градежно земјиште.

Од тие причини, Судот оцени дека наводите на иницијаторот според кои со директната примена на членот 23 од Правилникот се врши доделување на градежното земјиште на користење, се неосновани од причина што согласно член 110 од Уставот, примената на пооделни општи акти не спаѓа во надлежноста на овој суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.9/97)

Leave a Reply