176/1997-0-0

176/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 24-а став 3 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија”, бр.42/93, 32/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Методија Хаџивасилев од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од член 24-а став 3 од Законот за финансиското работење, во која наведува дека со оспорената одредба се создавала нееднаквост помеѓу субјектите – обврзници за плаќање на персонален данок и придонеси од плата, на начин што, за оние субјекти кои не ги плаќале редовно обврските, се предвидувала можност истите да ги платат намалени за 70%.

3. На седницата Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија, бр.32/97), по членот 24 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија, бр.42/93) е додаден нов член 24-а, во чиј што став 3 се предвидува дека, субјектот кој сите пристигнати обврски заклучно со платата за месец март 1997 година ќе ги плати во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, придонесите и персоналниот данок од доход му се намалуваат за 70%.

4. Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиското работење е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија на 3 јули 1997 година и е објавен во “Службен весник на Република Македонија”, бр.32 од 9 јули 1997 година. Овој закон влегол во сила на 17 јули 1997 година.

Според содржината на оспорената одредба од членот 24-а став 3 од Законот за финансиското работење, погодноста за плаќање на обврските за придонеси и персонален данок со намалување од 70% можат да ја користат само оние субјекти кои сите пристигнати обврски заклучно со платата за месец март 1997 година, ќе ги платат во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, што значи дека примената на оспорената одредба била временски ограничена и истата важела само во периодот од 17 јули 1997 година до 30 август 1997 година.

5. Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот за финансиското работење престанала да важи на 30 август 1997 година, со протекот на рокот во кој била можна нејзината примена, Судот оцени дека нема процесни претпоставки да одлучува по иницијативата.

Имено, согласно член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот може да донесе одлука за неуставност на закон во време на важењето што престанал да важи во текот на постапката ако се исполнети условите за неговото поништување. Бидејки во случајов не била поведена постапка за оценување на уставноста на член 24-а, став 3 од Законот за финансиското работење, во време на неговото важење, тоа, согласно член 28, алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.176/97)

Leave a Reply