139/1997-0-0

139/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставен суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 49 од Законот за извршната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.20/78, 6/82, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Љупчо Павловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата на член 49 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата уставната гаранција за правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања претпоставувала двостепеност во одлучувањето по правните лекови и не допуштала со закон да се предвиди поинакво решение, односно можност по правен лек да одлучува истиот суд што го донел решението, како што било предвидено со оспорената одредба од Законот за извршната постапка.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба од законот по приговорот одлучува Судот што го донел решението за извршување.

4. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Остварувањето на уставната гаранција за правото на жалба претпоставува не само можност граѓаните да ги заштитат своите права и интереси, туку и отстранување на незаконитостите и неправилностите во работата на судовите, органите на управата и институциите што вршат јавни овластувања.

Од наведената уставна одредба произлегува дека правото на жалба се гарантира против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или други институции што вршат јавни овластувања. Понатаму, уставната одредба претпоставува дека по жалбата против судска одлука може да одлучува само надлежен суд со што се прокламира двостепеноста во одлучувањето како гаранција за остварување на правата и на закон заснован интерес на граѓаните. Посебното значење на жалбата, пак, е изразено во нејзиното суспензивно дејство, кое може да се исклучи само со закон, во посебно утврдени случаи. Ваквото дејство на жалбата го спречува настанувањето на тешко отстранливи последици доколку биде уважена жалбата. Според тоа, Уставот го гарантира само правото на жалба, а не и право на приговор. Меѓутоа, Уставот и не забрнува со закон да се утврдат и други правни лекови, и да го определи нивното дејство и надлежноста на органите за постапување по нив.

Поаѓајќи, пак, од правната теорија приговорот се предвидува како правен лек со ремонстративен карактер. Во таа смисла и со Законот за извршната постапка, во посебна глава (глава четврта) е уредено прашањето за приговорот од должникот против решението за извршување, како исклучив правен лек.

Во член 8 од Законот за извршната постапка е предвидено дека против решението донесено во прв степен може да се изјави жалба, освен ако со овој закон е определено поинаку, а според ставот 2 на овој член, против решението за извршување должникот може да изјави приговор. Понатаму во оваа одредба е предвидено дека жалбата и приговорот се изјавуваат во рок од осум дена од денот на доставувањето на првостепеното решение, ако со овој закон не е определено поинаку (став 3), против решението донесено по приговорот може да се изјави жалба (став 4), жалбата и приговорот не го одлагаат извршувањето, ако со овој закон не е определено поинаку (став 5), одлуката донесена по жалба е правосилна (став 6) и дека против заклучокот нема место за правен лек (став 7).

Според член 48 од Законот, решението за извршување должникот може да го побива со приговор, освен ако ја побива само одлуката за трошоците, а според оспорената одредба на членот 49 од Законот, за приговорот одлучува судот што го донел решението.

Во член 50 од Законот е предвидено дека приговор против решението за извршување може да се поднесе од причини што го спречуваат извршувањето, а особено: 1) ако судот што го донел решението за извршување не е надлежен; 2) ако исправата врз основа на која е предложено извршување нема својство на извршна или веродостојна исправа; 3) ако одлуката врз основа на која е донесено решението за извршување не е извршна; 4) ако одлуката врз основа на која е донесено решението за извршување е укината, поништена или преиначена; 5) ако порамнувањето врз основа на кое е донесено решението за извршување е ставено со одлука вон сила; 6) ако не истекол рокот за намирување на побарувањето или ако не настапил условот што е определен со порамнувањето; 7) ако извршувањето е определено врз предмети, парично побарување и други права што се изземени од извршување, односно врз кои е ограничена можноста за извршување; 8) ако побарувањето престанало врз основа на фактот кој настапил по извршноста на одлуката или пред тоа но во време кога должникот тоа не можел да го истакне во постапката од која потекнува извршната исправа, односно ако побарувањето престанало врз основа на фактот кој настапил по склученото порамнување; 9) ако доверителот го одложил исполнувањето на обврските кое уште не истекло; 10) ако истекол рокот во кој според закон може да се предложи извршување; 11) ако настапила застареност на побаувањето за кое е одлучено со извршна исправа; 12) ако побарувањето не преминало врз доверителот, односно ако обврската не преминала врз должникот; 13) ако претходно не е обидено извршување врз предметот за кој со овој закон е определено доверителот првенствено да се намирува од тој предмет.

Од наведените законски одредба произлегува дека приговорот во извршната постапка претставува исклучив правен лек. Ваквиот карактер на приговорот е детерминиран пред се од фактот што решението за извршување со приговор може да го побива само должникот, освен за одлуката за трошоците што може да се побива со жалба, што претставува ремонстративен правен лек, односно по приговорот одлучува судот што го донел решението и што приговорот може да се поднесе покрај наведените причини, и поради било која причина што го спречува извршувањето, но и поради други причини што може да се напаѓа решение според овој закон и Законот за парничната постапка. Приговорот во извршната постапка е специфичен и по тоа што претставува единствен правен лек што може да го поднесе должникот против решението за извршување, доколку не ја побива само одлуката за трошоците, што значи дека друг правен лек должникот не може да употреби се додека не биде упатен на спор од страна на судот. Жалба, пак, може да поднесе само против решението донесено по приговорот.

Од наведеното произлегува дека приговорот на должникот по својата суштина е правно средство со кое должникот задолжен со извршниот наслов се брани од судско принудно извршување и дека тој може да се однесува како на фактите врз основа на кои барањето на доверителот повеќе не постои, така и на фактите кои привремено го спречуваат извршувањето (пример, дека не настапиле фактите за доспеаноста и извршноста на побарувањето). Со други зборови, дека не постојат извесни претпоставки за дозвола на принудено извршување на барањето, а на должникот со приговорот му се овозможува да ги изнесе причините против извршувањето кои се од материјално-правна природа. Оттука, според мислењето на Судот, произлегува и потребата по приговорот да одлучува судот што го донел решението за извршување, а не второстепен суд. Имено, со приговорот се истакнуваат такви факти за кои и покрај тоа што за многу од нив судот води сметка по службена должност, треба да се утврди нивното постоење и доколку утврди дека тие постојат, да го спречи извршувањето.

Од друга страна, правото на приговор на должникот против решението за извршување не го исклучува правото на жалба туку тој само значи повод судот да си ја преиспита својата одлука и да ги отстрани пропустите на судот во поглед на утврдување на фактите кои не му биле познати при донесувањето на решението за извршување.

Тргнувајќи од специфичностите на извршната постапка, според мислењето на Судот, и правото на приговор на должникот треба да се сфати како правен лек кој придонесува за целосно согледување на фактите кои довеле до принудно извршување и со оглед на суптилноста на прашањето, односно дека се посега по имотот на должникот, законодавецот покрај жалбата го допуштеил и приговорот како исклучив правен лек во интерес на должникот преку кој се создаваат услови за полно (целосно) одлучување на второстепениот суд по жалба.

Со оглед на тоа што приговорот на должникот во извршната постапка по својата суштина претставува ремонстративен правен лек и не го исклучува правото на жалба, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од член 49 од Законот за извршната постапка со член 15 од Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.139/97)

Leave a Reply