173/1997-0-0

173/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 8 од Објавата за јавно наддавање за доделување градежно земјиште на користење за изградба на објекти на територијата на Република Македонија, кое го управува Република Македонија, распишана од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешоски од Струга му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 8 од Објавата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба било предвидено дека јавното наддавање може да почне со минимум два учесника, за секоја локација поединечно, што не било во согласност со член 51 од Уставот и член 161 став 1 од Законот за извршна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека со точка 8 од Објавата за јавно наддавање за доделување градежно земјиште на користење за изградба на објекти на територијата на Република Македонија, кое го управува Република Македонија, распишана од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина врз основа на членовите 28 и 29 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 28/97) и членовите 4 и 5 од Уредбата за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/96) се објавува дека јавното наддавање може да почне со минимум два учесника за секоја локација поединечно.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Тргнувајќи од карактерот на распишаната објава, како техничко средство за извршување на Уредбата за условите, начинот и постапката за доделување на градежно земјиште, според мислењето на Судот со неа на општ начин не се уредуваат односи што би се однесувале на неопределен број правни субјекти и норми што би се однесувале на идни случаи, односно дека таа не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52, 110 и 112 од Уставот, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 173/97)

Leave a Reply