128/1997-0-0

128/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 46 став 3 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Алил Каба од с. Велешта Струга, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на член 46 став 3 од актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со тој акт му се ускратувало правото на најнизок износ на старосна пензија стекната со примена на конвенциите за социјално осигурување склучени со Германија, Франција, Швајцарија и други земји односно корисниците на старосна пензија со што се повредувале основните права утврдени со Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со решение У.бр.3/97 од 23 април 1997 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на член 46 став 3 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/94), затоа што оценил дека со овој член од Статутот е уредена надлежноста на Фондот за решавање на правата, односно дека решение од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен донесува, по овластување на директорот на Фондот, раководителот на подрачната единица на Стручната служба на Фондот на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигуран, а решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен со примена на конвенциите за социјално осигурување, освен за правото за утврдување на пензиски стаж, донесува овластен работник во Централата на Стручната служба на Фондот. Тоа значи дека овластувањето Стручната служба да одлучува во прв степен за правата од пензиското и инвалидското осигурување со примена на конвенциите за социјално осигурување произлегува од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и во член 35 од истиот регулирано е право на најнискиот износ на старосна пензија кое право секогаш е обезбедено на осигуреникот кој остварил дел од пензија според меѓународен договор. Оспорената одредба не уредува права на осигурениците со примена на конвенциите за социјално осигурување, туку врз основа на овластувањето донесува решение во прв степен за правата утврдени со закон и конвенциите за социјално осигурување поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.

4. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал а сега не наоѓа причини за поинакво одлучување согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.128/97)

Leave a Reply