17/1997-0-0

17/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица – индустриска зона покрај магистралниот пат Струмица – Ново Село, донесена од Собранието на Општина Струмица, бр.02-274/1 од 6 декември 1996 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Ристо Пилов од Струмица, со решение У.бр.17/97 од 21 мај 1997 година, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на овој акт со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената Одлука е извршена измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Струмица – индустриска зона покрај магистралниот пат Струмица – Ново Село, со зацртување на објект – монтажен ладилник за зеленчук и овошје на КП.бр.7409 во КО Струмица. Од Одлуката за определување границите на градежното земјиште во град Струмица, бр.02-207/1 од 23 март 1988 година, донесена од Собранието на Општина Струмица, Судот утврди дека катастарската парцела КП.бр.7409 се наоѓа надвор од определените граници на градежното земјиште на градот Струмица. Меѓутоа, во изводот од Основниот план на Струмица, без број и дата, постои проширување на постојната индустриска зона и тоа единствено на КП.бр.7409, иако за ваквото проширување, односно измена на Основниот план на Струмица, на Судот не му беше презентирана соодветна одлука од Советот на Општина Струмица. Покрај тоа, при донесувањето на оспорената Одлука не била почитувана постапката пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно не била спроведена јавна анкета и стручна ревизија од страна на надлежниот орган определен со одредбите од наведениот закон.

5. Согласно член 10 и 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба, додека детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.

Согласно член 9 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија”бр.10/87, 18/89 и 21/91), земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката (став 1), а границите на опфатеното земјиште од став 1 на овој член со катастарски податоци за парцелите ги утврдува собранието на општината (став 2).

Од содржината на цитираните одредби произлегува дека генералниот (основниот) и деталниот урбанистички план можат да се донесуваат само за подрачја кои се предвидени за градба, при што границите на овие подрачја со податоци за катастарските парцели ги утврдува собранието на општината со своја одлука.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба дека парцелата КП.бр.7409 во КО Струмица со Одлуката за определување границите на градежното земјише во град Струмица не е опфатена во подрачјето предвидено за градба, Судот најде дека оспорената Одлука за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план, која што се однесува токму на оваа катастарска парцела, не е во согласност со одредбата од член 11 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, бидејќи со истата се уредува земјиште кое не може да биде предмет на уредување со донесување на детален урбанистички план.

6. Од овие причини, имајќи ги во предвид сите околности на конкретниот случај што се од значење за заштитата на законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа, во смисла на член 73 од Деловникот, Уставниот суд одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.17/97)

Leave a Reply