Одлука У.бр115/1995 и У.бр.25/1995

У.бр.115/1995-1 и У.бр.25/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јули 1997 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ

– Одлуката за организирање студии за образование на воспитувачки и наставнички кадар за предучилишното и основното воспитание и образование бр.02-358, донесена од Советот на Педагошката академија “Св. Климент Охридски” од Скопје на 2 јуни 1994 година и

– Одлуката бр.02-135 од 8 февруари 1995 година, донесена од Советот на Педагошката академија “Св. Климент Охридски” од Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијативите на Томислав Стојановски од Куманово и Кирил Андоновски од Скопје, со решение У.бр.25/95 и У.бр.115/95 од 21 мај 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, поради тоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за насоченото образование.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката бр.02-358 се утврдува дека на Педагошката академија може да се организираат студии за образование на воспитувачки и наставнички кадар за предучилишното и основното воспитание и образование на македонски јазик и на јазиците на националностите. Со реализацијата на оваа одлука може да се отпочне по извршувањето на претходно нужните подготовки и тоа: изготвување елаборат за општествено-економската и кадровска оправданост; решение за концептот и времетраењето на студиите; определување на студиски групи, како и од обезбедување на неопходните материјално-технички, просторни, кадровски и други услови.

Со Одлуката бр.02-135 се утврдува дека наставата по предметите: педагогија, психологија и социологија на образованието, со студентите од албанска националност на групата за одделенска настава за наставници на албански јазик да се застапи на албански јазик за секој предмет по еден извршител. Наставниците за овие наставни предмети да се ангажираат на одредено време, а изборот да се изврши по пат на конкрус или со ангажирање наставници од други институции под услови предвидени со закон. Оваа одлука има времен карактер и ќе има важност до донесувањето на Концептот за едукација на воспитувачки и наставнички кадри во Република Македонија. Наставата да отпочне да се реализира со почеток на летниот семестар во учебната 1994/95 година со запишаните студенти.

5. Судот, исто така, утврди дека оспорените одлуки со кои се уредени условите за студирање на Педагошката академија, ги презел Педагошкиот факултет, бидејки студентите запишани на Педагошката академија под услови што важеле во моментот на нивното запишување се применувале во текот на целокупното нивно студирање. Основа за нивното преземање е членот 7 од Одлуката за основање на Педагошкиот факултет за едукација на воспитувачи и одделенски наставници, според кој студентите на Педагошката академија “Св. Климент Охридски” од Скопје, запишани заклучно со учебната 1994/95 година продолжуваат да студираат на факултетот, според постојните наставни планови и програми на Педагошката академија, најдоцна до 31 декември 2002 година.

6. Согласно член 48 став 4 од Уставот, припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста се изучува и македонскиот јазик.

Членот 249 од Законот за насоченото образование утврдува дека согласност на одредбите на стаутот на организациите за насочено образование што се однесуваат на правата и обврските на студентите, организацијата (режимот) на студирањето, начинот и постапката за донесување на планови и програми за воспитно образовната дејност, како и на други прашања дава Собранието на Република Македонија.

Од изнесеното произлегува дека правото на припадниците на националностите на настава на својот јазик во основното и средното образование е дел од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и претставува израз и потврда на нивното право на слободна употреба на својот јазик. Даденото право на образование на мајчин јазик на припадниците на националностите претпоставува и обврска за државата да создаде услови за образование на наставнички кадар. Одтука произлегува и потребата студентите од националностите, наставата да ја следат на својот мајчин јазик, а со цел да се постигне поголемо ниво на стручност и компетентност што ќе им овозможи подоцна квалитетно и стручно како наставници да ја изведуваат наставата во предучилишното и основното образование.

Меѓутоа, остварувањето на ова право, согласно член 48 став 4 од Уставот, може да се пропише единствено со закон кој ќе го утврди начинот на остварувањето на правото на настава на припадниците на националностите на својот јазик.

Тргнувајки од содржината на оспорените одлуки очигледно е дека со нив се регулира законска материја. Дури и ако се допуши можноста дека овие одлуки се статутарни одлуки со кои се разработува одредена со закон утврдена материја, се поставува прашањето за нивната правна валидност и од процедурален аспект. Имено тие се донесени од Советот на Педагошката академија врз основа на барањата на Министерството за образование и физичка култура, но не во иста постапка како Статутот на Педагошката академија и немаат согласност од Собранието на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.25/95 и У.бр.115/95)

Leave a Reply