103/1997-0-0

103/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јули 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 точките 9, 10 и 13 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96 и 71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ризван Сулејмани пратеник во Собранието на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 точките 9, 10 и 13 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се повредувал принципот на самостојност на општините во вршењето на изворните надлежности, што не било во согласност со член 115 од Уставот.

3. Тргнувајки од фактот дека Уставниот суд постапувајки по предметот У.бр.40/97 ја оценувал уставноста на член 6 од Законот за Градот Скопје и притоа, со Решение У.бр.40/97 од 18 јуни 1997 година, утврдил дека таа одредба е во согласност со Уставот, бидејки со неа не се нарушува принципот на самостојноста на општината во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, поради што и не повел постапка за оценување на уставноста на наведената одредба од Законот, што значи дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.103/97)

Leave a Reply