53/1997-0-0

53/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за определување на земјите од кои наплатата на побарувањата е оневозможена или отежната и на субјектите кај кои наплатата е оневозможена или отежната, донесена од Владата на Република Македонија на 27 декември 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Драган Гоџо-адвокат од Охрид, за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува да се исклучува применувањето на три одредби од Законот за финансиското работење кога се во прашање наведените 19 правни субјекти, што значело дека Владата на Република Македонија навлегла во овластувањата на законодавецот на тој начин што ставила вон сила законски одредби и дека Владата на Република Македонија ги ставила во привилегирана положба наведените 19 правни субјекти во однос на другите субјекти на пазарот и претприемништвото, поради што Одлуката не била во согласност со членовите 55, 61, 68 и 91 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определуваат земји од кои наплатата на побарувањата е оневозможена или отежната се Ирак и Кувајт (член 1) и дека, според член 2 од Одлуката, “по исклучок од одредбите на членовите 15, 16 и 17 од Законот за финансиското работење, носителот на платен промет нема да поднесе пријава до надлежниот суд за покренување на постапка на стечај против определените субјекти кои имаат ненаплатени побарувања од земјите од член 1 на оваа одлука по основ на извоз на стоки и услуги.

4. Со член 15 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93) се определува дека субјектот кој е инсолвентен 30 дена непрекинато или 30 дена со прекини во изминатите 45 дена, должен е во рок од наредните 15 дена од 30-тиот ден на инсолвентноста да одржи состанок со доверителите заради вонсудско порамнување или одлагање на рокот за плаќање на обврските.

Со член 16 од Законот се предвидува дека ако не се одржи состанок со доверителите во рокот од член 15 односно ако не се отстрани инсолвентноста со отпис на побарувањата или на друг начин, должникот или доверителот можат да поднесат пријава до надлежниот суд заради покренување на постапка на присилно порамнување односно стечај.

Според член 17 од Законот, ако субјектот е инсолвентен непрекинато 60 дена или 60 дена со прекини во изминатите 75 дена, институцијата за платен промет е должна без одлагање да поднесе пријава до надлежниот суд за покренување на постапка за стечај.

Според член 19 од Законот, по исклучок од одредбите на членовите 15, 16 и 17 од овој закон не се поднесува пријава до надлежниот суд за покренување на постапка на стечај на субјектите чија инсолвентност е настаната поради исправка на вредноста на побарувањата од земјите во странство кај кои наплатата е оневозможена или отежната (став 1), со тоа што Владата на Република Македонија ги определува земјите од кои наплатата на побарувањата е оневозможена или отежната (став 3), како и субјектите кај кои наплатата е оневозможена или отежната (став 4).

Од изнесените законски одредби произлегува дека:

– ако субјектот (претпријатие) е инсолвентен определен временски период, тогаш тој има одредени обврски, а неговите доверители одредени права, со тоа што ако инсолветноста продолжи после истек на друг временски период, Заводот за платен промет има обврска да покрене стечајна постапка (членовите 15, 16 и 17 од Законот); и

– претходните правила не се однесуваат на субјектот (претпријатие) чија инсолвентност настанал поради неможност или отежнатост да се наплати побарувањето од странски земји, а тие субјекти (претпријатија) и држави ги определува Владата на Република Македонија (член 19 став 1, 3 и 4 од Законот).

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се определуваат субјектите и државите кај кои наплатата на побарувањата е оневозможена или отежната, произлегува дека та а е донесена во рамките на овластувањата на Владата на Република Македонија пропишани со член 19 став 3 и 4 од Законот (Одлуката не пропишува други права надвор од правата определени со Законот), поради што таа не е во несогласност со членовите 61, 68 и 91 од Уставот. Понатаму, со оглед на тоа што дел од членот 2 на Одлуката е истоветен со содржината на членот 19 став 1 од Законот (определуваат изземање од стечајна постапка на наброените претпријатија кои имаат побарувања од Ирак и Кувајт), произлегува дека Законот определил исклучување на одредбите од членовите 15, 16 и 17, а не Одлуката (Владата на Република Македонија, не навлегла во регулирање на прашања од надлежност на законодавецот туку само констатирала законски права на наброените субјекти), поради што Одлуката и од овој аспект не е во несогласност со членовите 61, 68 и 91 од Уставот.

Во однос на согласноста на Одлуката со член 55 од Уставот (во смисла дали создава привилегирана положба за наброените претпријатија и, со тоа, нееднаквост на субјектите на пазарот и претприемништвото), Судот оцени дека изземањето од стечајна постапка на субјектите, кај кои наплатата од странство е оневозможена или отежната, е во функција на создавање рамноправна положба на наведените субјекти (кои од објективни причини се доведени во нееднаква положба) со другите субјекти на пазарот, поради што Одлуката не е во несогласност ниту со наведената уставна одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.53/97)

Leave a Reply