100/1997-0-0

100/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 1 од Законот за локалните избори (“Службен весник на РМ” бр.46/96) во делот “вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината односно градот Скопје”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Киро Настовски од Росоман му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение бидејќи со оспорениот член од Законот му било одземено правото да учествува во вршењето на јавни функции бидејќи тој бил вработен во Министерството за правда-Месна канцеларија во с.Сирково и не можел волонтерски да ја обавува функцијата член на Советот на општината Росоман, за разлика од членовите на Советот кои биле вработени во јавни претпријатија. Поради тоа, подносителот смета дека оспорениот член во делот “вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината односно градот Скопје”, не бил во согласност со членовите 9 и 23 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1од Законот, функцијата член на советот и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, пратеник, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината, односно градот Скопје.

4. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите како и правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции се дел од основните граѓански и политички слободи и права на човекот и граѓанинот. Уставната определба дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции значи демонополизирање на јавните функции и подразбира нивна достапност на секој граѓанин.

Меѓутоа, тргнувајќи од претпоставката дека има функции чие вршење е единствено можно и исправно само ако истовремено не се вршат и некои други функции, Уставот во повеќе свои членови утврдил неспојливост на поедини функции. Така, во членот 63 став 5 од Уставот е определено дека со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии. Според членот 67 став 3 од Уставот, функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Според член 83 став 1 од Уставот, должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Членот 89 став 4 од Уставот, определува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Согласно член 100 став 3 од Уставот, судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија. Членот 104 став 5 од Уставот определува дека функцијата член на Републичкиот судски совет е неспојлива со вршење на други јавни функции и професии или со членување во политички партии. Според членот 107 став 3 од Уставот, функцијата јавен обвинител е неспојлива со вршење на друга функција и професија или со членување во политичка партија, а според членот 111 став 1 од Уставот, функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Меѓутоа, во делот за локалната самоуправа, Уставот не определува неспојливост на функцијата туку утврдува дека локалната самоуправа се уредува со закон. Понатаму, имајќи предвид дека Уставот ги утврдил основните изборни принципи, а допуштил изборниот режим да се уреди со закон, правна претпоставка е дека законодавецот со изборниот закон има право да определи неспојливост на одредени функции. Со законската одредба дека вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа и во управните органи на општината односно градот Скопје не можат истовремено да ја вршат функцијата член на совет и градоначалник, не се ускратува правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции будејќи овие лица имаат право да бидат избрани за некоја од овие функции, но нивната функција во органите на управата, општините односно градот престанува со денот на верификацијата на мандатот за член на советот или градоначалник. Исто така, Судот смета дека со оспорениот член од Законот не се доведува во прашање еднаквоста на граѓаните пред Уставот и пред законите, бидејќи одредбата важи за сите граѓани под еднакви услови.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 5 став 1 од Законот во оспорениот дел, со членовите 9 и 23 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.100/97)