73/1997-0-0

73/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Василевски од Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 51 од Деловникот означен во точката 1 од ова решение. Одредбата од член 51 од Деловникот не била во согласност со членот 50 од Уставот на Република Македонија, затоа што оневозможувала заштита на правата и слободите пред Уставниот суд за подолг временски период со селективен приод кон актите со кои се повредувале слободите и правата, дури и под претпоставка ако со тие акти евидентно и грубо се кршеле слободите и правата чија заштита е во надлежност на Уставниот суд, а при тоа се игнорирала повредата, темелните вредности утврдени со Уставот и нивната навремена заштита. Понатаму, оспорениата одредба од Деловникот давала можност, без вина на граѓанинот да истече рокот од 5 години од денот на преземањето на дејствието, како и ги поништувала начелата за итност и приоритет во постапката за заштита на слободите и правата.

Оспорената одредба од Деловникот не била во согласност со член 54 од Уставот, затоа што допуштала поединечниот акт да содржи забрана и ограничувања на правата и слободите се додека тој не станал конечен или правосилен, а Уставниот суд не можел да ја извршува функцијата на заштита на слободите и правата. Исто така, оспорената одредба го поттикнувала ограничувањето и кршењето на правата и слободите со поединечни акти, а судската заштита по овие акти можела да трае и над 5 години и во тие случаи заштитните механизми станувале сосема безкорисни.

Поединечниот акт можел да содржи повреда од повеќе области покрај оние кои биле во надлежност на Уставниот суд и затоа подносителот на иницијативата смета дека правата и слободите утврдени со Уставот како темелни вредности да бидат подредени на другите права (од работен однос) кои, исто така, имале основа во Уставот, но биле договорни права – изведени права во однос на уставно утврдените права и слободи што доведувало до апсурдни ситуации во услови кога работните спорови траеле повеќе години.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од деловникот секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

4. Според член 13 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, подносителот на иницијативата и доносителот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.

Во член 28 алинеја 3 од овој деловник е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни
пречки за одлучување.

Од наведените одредби на Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот на Република Македонија, во постапката пред судот треба истовремено да биде и учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.73/97)

Leave a Reply