82/1997-0-0

82/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување меѓусебната согласност на член 18 точка 1, член 22 став 3, член 42 став 2 точка 3 и ставовите 3 и 4 на овој член од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/97) и согласноста на овој закон со Уредбата за начинот и постапката за издавање на лиценци односно одобренија за приредување игри на среќа (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Миле Коровин од Радовиш за поведување постапка за оценување меѓусебната согласност на поодделни одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри означен во точката 1 од ова решение и согласноста на овој закон со Уредбата за начинот и постапката за издавање на лиценци односно одобренија за приредување игри на среќа, исто така, означена во точката 1 од ова решение.

3. Судот на седницата утврди дека со наведените одредби од Законот се уредуваат прашања во врска со условите што треба да ги исполнува акционерското друштво за добивање на лиценца за постојано приредување на игри на среќа, а со Уредбата се уредуваат начинот и постапката за издавање на лиценци, односно одобренија за приредување игри на среќа.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на меѓусебната согласност на поодделни членови од Законот за игри на среќа како и меѓусебната согласност на поодделни одредби од овој закон со Уредбата за начинот и постапката за издавање лиценци, односно одобренија за приредување игри на среќа, согласно горе наведената одредба од Уставот, Судот оцени дека барањето излегува надвор од неговата надлежност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.82/97)

Leave a Reply