76/1997-0-0

76/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1, СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за дополнување на Правилникот за организација на работите и работните задачи на работниците во Центарот за рехабилитација и образование “Св. Наум Охридски” од Скопје бр.02-251/1, донесена од Училишниот одбор на Центарот на 29 август 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Емил Османов адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, поради тоа што со оспорената одлука се отворало ново работно место шивачка-перачка, со услов кандидатот да е КВ шивач или да има трети или четврти степен на школска подготовка. При тоа бил занемарен фактот што во членот 19 во точките 53 и 60 од Правилникот на Центарот биле определени работно место шивач со средно стручно текстилно училиште трет степен и работно место хигиеничарка – перачка со осумгодишно училиште. Всушност со оспорената одлука биле споени две работни места со различен степен на сложеност и различен степен на образование, што не било во согласност со Законот за работни односи и со Колективниот договор за средно образование.

3. Разгледувајки ја поднесената иницијатива, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Незаконитостите во ваквите прописи можат да се отстранат во постапка пред редовните судови.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талесвки и д-рТодор Џунов. (У.бр.76/97)

Leave a Reply