34/1997-0-0

34/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и члан 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 130 точка 3 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 39/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на работници-технолошки вишок од Македонска Каменица, претставувано од Атанас Џевлеков, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на примената на членот 130 точка 3 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што работниците на ПОС Рудници за олово и цинк “Саса” – Македонска Каменица биле прогласени како технолошки вишок согласно Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/95), додека на работниците од истото претпријатие на кои сега им престанувал работниот однос, како технолошки вишок, се применувале одредбите од член 130 точка 3 од Законот за вработување, што било поповолно во однос на работниците прогласени како технолошки вишок според Законот за преструктуирање, поради што, подносителите на иницијативата бараат Судот да одлучи и за нив да се применуваат одредбите од овие два закони.

3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите општи акти со уставот и со закон.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара интервенција на Судот за промена на статусот на работниците на кои им престанал работниот однос согласно Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, во смисла и на нив да се применува одредбата на членот 130 од Законот за работните односи, што излегува надвор од надлежноста на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.34/97)

Leave a Reply