52/1997-0-0

52/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Маскедонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јуни 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 140 од Статутот на општината Гостивар, донесен од Советот на Општината на седницата од 13 март 1997 година.

2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запираат од извршување, поединечните акти или дејства преземени врз основа на оспорениот член од Статутот.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива од советничката група на СДСМ-Гостивар, застапувана од Заре Трпески и Стефче Стефановски, со решение У.бр.52/97 од 21 мај 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 140 од статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што со одредбата се предвидува знамето на Република Македонија заедно со знамињата на албанската и турската националност, како и знамето на град Гостивар да бидат постојано истакнати пред зградата на општината Гостивар, поради што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за употреба на знамињата (“Службен весник на СРМ”бр.40/73 и 17/89).

5. Судот на седницата утврди дека ставот 1 на член 140 од Статутот предвидува покрај знамето на Република Македонија да се истакнуваат и знамињата на албанската и турската националност.

Согласно ставот 2 на членот 140 од Статутот, државните органи, органите на Општината, претпријатијата, установите, јавните служби и други на подрачјата на кои живеат припадниците на албанската и турската националност ги истакнуваат, покрај знамето на Република Македонија, и знамињата на албанската, односно турската националност.

Ставот 3 на овој член од Статутот, предвидува дека припадниците на албанската односно турската националност при празнувањето во приватниот живот, покрај знамето на Република Македонија, го истакнуваат и знамето на албанската, односно турската националност.

Согласно ставот 4 на истиот член од Статутот, кога органот на општината Гостивар ќе го истакне знамето на Република Македонија, знамето на албанската националност, знамето на турската националност, заедно со нив ќе го истакне и знамето на градот Гостивар.

Знамето на Република Македонија, знамето на албанската и турската националност како и знамето на градот Гостивар, според ставот 5 на овој член од Статутот, ќе бидат истакнати секој ден пред зградата на општината Гостивар, како и во просториите на Советот на општината Гостивар и градоначалникот на општината Гостивар.

Ставот 6 на овој член од Статутот предвидува димензиите на сите знамиња при нивната едновремена употреба задолжително да се еднакви.

6. Согласно член 5 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна, кои се утврдуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот упатува прашањата сврзани со државните симболи на Републиката, меѓу кои и знамето на Република Македонија, да се утврдат со закон, односно дека истите не можат да бидат предмет на регулатива на општината.

Правото на општината да го регулира прашањето на употребата на знамињата не произлегува од членот 48 од Уставот, со оглед на тоа што со оваа одредба се уредува правото на припадниците на националностите слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености, а воедно се утврдува обврска на Републиката да им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.

Што се однесува до Законот за употреба на знамињата, Судот утврди дека согласно член 10 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од ЏЏИВ до ЛИВ на Уставот на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.16/89), со денот на прогласувањето на Амандманите престанале да важат одредбите од Законот за употреба на знамиањата (“Службен весник на СРМ” бр.40/73) што се однесуваат на знамињата на народностите и етничките групи (националностите).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со одредбата од членот 140 од Статутот која предвидува постојана употреба на знамињата на албанската и турската националност како и нивна употреба при празнување во приватниот живот, се излегува надвор од рамките на Законот за употреба на знамињата.

Во врска со прашањето за постојаното истакнување на знамето на Република Македонија, имајќи предвид дека Законот за употреба на знамињата (во делот што е во сила), е дециден во смисла што ги набројува случаите кога може да се употребува знамето на Република Македонија (државни празници, прослави, свечености, културни, спортски и друг вид манифестации и при празнување во приватниот живот на граѓаните), според оценката на Судот, предвидувањето на употребата на знамето на Република Македонија да се врши постојано, ја доведува во прашање уставноста и законитоста на одредбата од член 140 од Статутот на општина Гостивар и од овој аспект.

Ова дотолку повеќе што Законот за употреба на знамињата уредува кога може да се употребува знамето на Република Македонија, додека во однос на употребата на знамињата на националностите, не е содржана регулатива.

Според одредбата од членот 115 од Уставот на Република Македонија, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.

Со оглед на тоа што со закон ова прашање не е ставено во делокруг на општината, таа со статут не може да ја уредува употребата на знамето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Советот на општина Гостивар, без уставна и законска основа, со членот 140 од Статутот, го уредил прашањето за употреба на знамето, поради што одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука Судот, согласно член 27 од Деловникот, одлучи да ја укине времената мерка.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Јован Проевски, Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.52/97)

Leave a Reply