47/1997-0-0

47/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.98/96 од 29 мај 1996 година за неповедување постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.09-108/1 од 14 март 1995 година, за донесување на Парцијална измена и дополнување на делови од Детални урбанистички планови во град Куманово, донесена од Собранието на Општина Куманово, во делот кој се однесува на ул.”Ефто Спасовски”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Денко А.Тасевски од Куманово, му поднесе иницијатива со која се бара Уставниот суд да го преиспита своето решение У.бр.98/96 од 2 јуни 1996 година, со кое било одлучено да не се поведе постапка за оценување законитоста на оспорената одлука, бидејќи смета дека при донесувањето на оспорената одлука била сторена злоупотреба на Законот за просторното и урбанистичкото планирање, со тоа што не постоел писмен документ кој бил подносител на бараната измена во Деталниот урбанистички план во делот кој се однесувал на Ул. “Ефто Спасовски” бб и Ул. “Вук Караџиќ” бр.26, туку оваа измена била извршена по усен налог на тогашниот началник во Подрачната единица при Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина-Куманово. Во прилог на ваквите наводи подносителот доставува како доказ известување бр.08-282/1 од 7 март 1997 година, од началникот на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Куманово, со кое на негово барање подносителот се известува дека во Подрачната единица не постојат документи, ниту барање по кое е направена измената на Деталниот урбанистички план во делот на Ул. “Евто Спасовски”.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука била предмет на разгледување пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот утврдил дека со оспорената Одлука била извршена парцијална измена и дополнување на делови од Деталниот урбанистички план на град Куманово, меѓу кои била опфатена и измена во дел од Ул. “Ефто Спасовски”, на начин што бил одземен дел од земјиштето од КП.бр.4787 во корист на КП.бр.4582/2. Понатаму Судот утврдил дека оспорената Одлука во целост, па и во овој дел, била донесена на начин и во постапка пропишани со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 98/90), кој бил во важност во времето на донесувањето на оваа Одлука, поради што со решение У.бр.98/96 од 29 мај 1996 година одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината законитост.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основ за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал по повод иницијатива на истиот предлагач за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената Одлука, при што со решение У.бр.98/96 од 29 мај 1996 година одлучил да не поведе постапка, а сега нема основ за поинакво одлучување, Уставниот суд одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.47/97)

Leave a Reply