260/1996-0-0

260/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за организирање на Општественото претпријатие “Топлификација”-Скопје, како Акционерско друштво во мешовита сопственост, бр.02-5073 од 24 мај 1991 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милосија Шекутковска од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение, наведувајќи дека оспорената Одлука не била заснована на закон, поради што предлага Судот истата да ја укине.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за организирање на Општественото претпријатие “Топлификација”-Скопје, како Акционерско друштво во мешовита сопственост, е донесена на 24 мај 1991 година од страна на Работничкиот совет на Општественото претпријатие “Топлификација”-Скопје. Со оваа Одлука е извршена трансформација на “Топлификација”-Скопје од општествено претпријатие во акционерско друштво во мешовита сопственост, согласно одредбите од Законот за претпријатијата и Законот за општествениот капитал. Во Одлуката се наведени фирмата, седиштето, дејностите на Акционерското друштво, правата и обврските во правниот промет со трети лица, висината на основната главница на Друштвото и уделите во основната главница на општествениот капитал и приватниот капитал од издадени интерни акции, органите на управување на Друштвото и начинот на поделба на добивката.

Врз основа на оваа Одлука, нејзиниот доносител е запишан во Регистарот на претпријатијата и другите правни лица што вршат стопанска дејност при надлежниот суд.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 од Деловникот Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од содржината на оспорената Одлука во иницијативата Судот утврди дека истата претставува акт на трансформација на општествено претпријатие во акционерско друштво во мешовита сопственост, на начин и во постапка согласно законските прописи кои важеле во времето на донесувањето на оваа Одлука и дека со неа се уредени интерните односи во АД “Топлификација”-Скопје, без да бидат засегнати правата и интересите или да бидат наметнати обврски на други субјекти, поради што Судот најде дека оспорената Одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за кој што овој Суд е надлежен да одлучува.

5. Од наведените причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.260/96)

Leave a Reply