Решение У.бр.29/1997

У.бр.29/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 161 став 1 и 3 од Кривичниот закон на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.25/77, 23/84, 50/87, 36/89, 7/90 и “Службен весник на РМ” бр.28/91, 24/92 и 49/93), а барањето на Симеон Јоновски за заштита на слободите и правата повредени со поединечни акти и дејствија донесени односно преземени од редовните судови и други државни органи.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Симеон Јоновски од Битола му поднесе иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 161 став 1 и 3 од законот означен во точката 1 од ова решение, како и за заштита на неговите слободи и права и слободите и правата на Трајко Јовевски од Битола, затоа што врз оснвоа на оспорената законска одредба биле донесени повеќе акти од надлежните органи (судови, јавно обвинителство, министерство за внатрешни работи и други органи) со кои се ограничувале слободите и правата на сосема “невини” граѓани и се теретеле за кривични дела и за други престапи кои не ги направиле. Во таа смисла се оспорени повеќе пресуди и решенија на Основниот и Апелациониот суд во Битола, решенија и наредби за спроведување на истрага и претрес, обвинителни акти и други акти донесени во врска со обвиненијата врз основа на член 161 од Кривичникот закон на Република Македонија.

3. Судот на седницата од доставената документација утврди дека оспорените поединечни акти наведени во иницијативата се однесуваат на друго лице односно на Трајко Јовевски од Битола, привремено вработен во Австрија, а не на подносителот на иницијативата до Уставниот суд Симеон Јоновски.

Имено, Трајко Јовевски е обвинет дека склучил договор за кредит со Штедилницита “ТАТ” од Битола за што била ставена хипотека на неговиот имот, односно на неговата куќа со дворно место во Битола, која спогодба или договор биле заверени во Основниот суд во Битола под бр.ВПП-494/95. Со оглед на тоа што кредитот не бил вратен благовремено, било донесено и извршно решение под И.бр.2017/95, со кое се барало продажба на имотот на Јовевски Трајко.

Меѓутоа, во целокупната постапка Јовевски Трајко тврдел и докажувал дека не земал никаков кредит од Штедилнициата “ТАТ” од Битола и дека не ја признава хипотеката ставена на неговата куќа. При тоа докажувал дека спогодбата за кредитот е потпишана од друго лице, а тоа го потврдува со фактот што во тоа време кога била потпишана спогодбата тој не се наоѓал во Македонија, туку бил во Австрија, каде е вработен. Поради ваквите изјави покренат е обвинителен акт против Трајко Јовевски за кривично дело измама од член 161 од поранешниот кривичен закон на Република Македонија. Во текот на постапката Јовевски Трајко бил и притворен, а подносителот на иницијативата Симеон Јоновски во врска со оваа постапка бил повикан на “информативен разговор” во Минситерството за внатрешни работи, Подрачна единица во Битола и била издадена наредба од истражниот судија за претрес на стан и други простории како истражно дејствие.

Со оглед на тоа што според мислењето на подносителот на иницијативата, обвинетиот Трајко Јовевски бил невин и неоправдано се гонел за кривично дело “измама”, што не го сторил, а во таа постапка бил малтретиран и Симеон Јоновски, тој се обраќа до Уставниот суд да се заштитат неговите слободи и права и слободите и правата на Трајко Јовевски.

4. а) Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и ако утврди дека не се во согласност со Уставот, согласно член 112 од Уставот да ги укине или да ги поништи.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува согласноста на важечките закони со Уставот и ако утврди нивна несогласност да ги укине или поништи.

Во Деловникот на Судот е предвидена можност Судот да донесе само поништувачка одлука за закон кој престанал да важи, но само под услов тој да престанал да важи во текот на постапката пред Уставниот суд, а тоа значи по поведувањето на постапка, а со цел да се отстранат негативните последици кои ги предизвикал неуставниот закон за време на неговото важење.

Со оглед на тоа што Кривичниот закон на Република Македонија во кој беше содржан член 161 кој е оспорен со иницијативата и во кој беше предвидено кривичното дело измама, престанал да важи со денот на примената на Кривичниот законик, односно на 1 ноември 1996 година, тоа значи престанал да важи пред да биде започната било каква постапка во Уставниот суд, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување на Судот по овој дел од иницијативата.

б) Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за превземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото превземање.

Од изнесените уставни одредби, како и од одредбите на Деловникот на Уставниот суд, произлегува дека Уставниот суд не ги заштитува сите права и слободи гарантирани со Уставот, туку само точно определените слободи и права во член 110 алинеја 3 од Уставот. Понатаму, заштитата пред Уставниот суд може ја да бара само граѓанинот лично на кого му е повредено некое право и слобода што ги штити Уставниот суд и тоа со поединечен акт или дејство.

Од приложените докази може да се констатира дека со оспорените акти не се повредуваат слободите и правата што ги штити Уставниот суд, односно со иницијативата не се бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Исто така од текстот на иницијативата и од приложените докази може да се констатира дека пред се се бара заштита на слободи и права на друго лице, а не на подносителот на иницијативата, односно барањето.

Имајќи го предвид изнесеното Судот смета дека не постојат процесни претпоставки за постапување и по овој дел од иницијативата односно по барањето за заштита на слободи и права.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.29/97)

Leave a Reply