41/1997-0-0

41/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.13/96 донесена од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 26 јуни 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Љубен Огненовски од Скопје му поднесе иницијатива за преиспитување на одлуката на Уставниот суд означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа биле оштетени поголем број на поранешни воени лица на кои на соодветен начин се уште не им било решено станбеното прашање. Со донесувањето на означената одлука на Судот се создала нееднаквост меѓу воените лица кои го решиле и воените лица кои не го решиле станбеното прашање.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.13/96 од 26.06.1996 година го укина Правилникот за откуп на становите од станбениот фонд на ЈНА, затоа што утврди дека со него се уредуваат односи во поранешна ЈНА која повеќе не постои, се уредува статусот на станбениот фонд на ЈНА, кој исто така веќе не постои, затоа што истиот стана државна сопственост и се утврдуваат поповолни услови за продажба на становите на поранешна ЈНА од условите предвидени за продажба на становите на Република Македонија што беа во општествена сопственост, поради што Судот оцени дека со Уставот не е предвидена можност за одделни категории на граѓани во зависност од тоа каде се вработени да се предвидуваат поповолни услови за остварување на одредени права и дека со предвидувањето на такви услови се повредува уставното начело на еднаквост.

4. Според член 112 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот и законот.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Уставниот суд со одлука У.бр.13/96 од 26 јуни 1996 година го укинал означениот Правилник со што тој престанал да важи со денот на објавувањето на одлуката во “Службен весник на Република Македонија” а Уставниот суд нема надлежност за враќање во правниот поредок на актот што го укинал или поништил, затоа што неговите одлуки се конечни и извршни Судот оцени дека не постојат уставни основи за преиспитување на укинатиот Правилник, односно за преиспитување на Одлуката на Судот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.41/97)

Leave a Reply