145/1996-0-0

145/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на измена и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план – Зона на индустрија и колективно становање – локалитет “Графокомерц”, донесена од Собранието на Општина Охрид на 19 мај 1994 година.

2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запираат од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од ПП “Графокомерц” – Охрид, со решение У.бр.145/96 од 20 ноември 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

5. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката се констатира усвојувањето на измената и дополнувањето на дел од Деталниот урбанистички план – Зона на индустрија и колективно становање на локалитетот “Графокомерц”.

Според членот 2 од Одлуката нејзин составен дел се: текстуалниот дел, графичкиот приказ и одредбите за примена на планот.

Членот 3 од Одлуката содржи одредба која го задолжува изработувачот на планот во рок од 20 дена, сметано од денот на усвојувањето на измената и дополнувањето на делот од Деталниот урбанистички план, да изготви пречистен текст и истиот да го достави на стручната служба за собраниски работи.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено овластување за претседателот на Собранието на Општина Охрид да го завери планот со својот потпис и истиот да го достави на чување на стучната служба за собраниски работи при Собранието на Општина Охрид.

Последниот член, односно членот 5 од Одлуката содржи одредба според која оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Охрид”.

6. Согласно член 33 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), кој беше во сила во време на донесувањето на оспорената одлука, органот на управа надлежен за урбанизам му доставува на Собранието на Република Македонија, односно на собранието на општината предлог на урбанистичкиот план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Од оваа законска одредба произлегува дека органот на управата надлежен за урбанизам е должен на собранието на општината да му достави извештај од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Со оглед на тоа што органот на управата надлежен за урбанизам ме му доставил на Собранието на Општината извештај од јавната расправа по нацрт-планот со образложение за неприфатените забелешки, што е задолжителен дел од постапката при донесувањето на урбанистичките планови, Судот утврди дека постапката при донесувањето на оспорената одлука не се одвивала според закон.

Што се однесува до прашањето за вцртување на спорната нова локација во нацрт-планот по завршувањето на јавната расправа во него, што како факт е констатиран во стручната ревизија, Судот утврди дека тоа е сторено, исто така , надвор од рамките на законски предвидената постапка за донесување на урбанистичките планови, поради што оцени дека планот е несогласен со Законот и од овој аспект.

Понатаму, во членот 19-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, меѓу другото, е предвидено дека графичкиот приказ е составен, односно задолжителен дел на урбанистичкиот план.

Од оваа одредба од Законот произлегува дека графичкиот приказ, како задолжителен дел на урбанистичкиот план, треба да се софпаѓа со неговиот текстуален дел.

Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, Судот утврди дека измените на Планот не се внесени во неговиот графички приказ, односно дека Планот воопшто не содржи текстуален дел кој, како таков, е негов задолжителен дел, оцени дека истиот е несогласен со Законот и од овој аспект.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.145/96)

Leave a Reply