1/1997-0-0

1/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 став 3 од Законот за вработувањето (“Службен весник на
СРМ” бр.32/87, 18/89, 36/89, 17/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.36/91, 12/93 и 78/93).

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени врз основа на оспорениот закон.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 30 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него било предвидено паричен надоместок на невработено лице да не му припаѓа доколку барањето го поднело по истекот на времето за кое според член 27 од Законот имало право на исплата на паричен надоместок, со што било повредено уставното начело на еднаквост и член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Во образложението подносителот на иницијативата наведува дека во член 16 став 2 од Законот за работни односи кој важел до 7 јануари 1994 година било предвидено работникот кој користел испратнина од најмалку 24 просечни плати да не може да користи паричен надоместок за време на невработеност двојно повеќе од месеците за кои му е исплатена испратнината. Тоа значело дека лицата кои според законот кој престанал да важи, кои го користеле правото на 24 просечни плати имале право да поднесат барање за паричен надоместок за време на невработеност после 48 месеци, во тој случај тие го губеле рокот за поднесување на барањето утврдено во член 30 став 3 од Законот за вработување, што не било во согласност со Уставот.

Воедно подносителот на иницијативата бара до конечното одлучување Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија кои ќе бидат преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

4. На седницата Судот утврди дека според член 30 став 1 од Законот паричен надоместок на невработено лице му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос ако невработеното лице поднесе барање до Заедницата за вработување кај која е уплатуван придонесот на вработување во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос, а според став2 на овој член од Законот ако невработеното лице поднесе барање по истекот на рокот од став 1 на овој член паричниот надоместок му припаѓа од денот на поднесувањето на барањето.

Согласно оспорениот став 3 на член 30 од Законот паричен надоместок не му припаѓа на невработеното лице кое поднело барање по истекот на времето за кое според член 27 од овој закон имало право на исплата на паричен надоместок (тој рок од член 27 од Законот е: ако изминале три месеци за лицето кое имало стаж на осигурување најмалку 9 месеци, во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци; пет месеци ако лицето имало стаж на осигурување 15 месеци, седум месеци ако лицето имало стаж на осигурување 30 месеци, 9 месеци ако има стаж 7 години; 12 месеци ако има 10-13 години стаж на осигурување; 16 месеци од 13-16 години; 18 месеци ако има 19-22 години стаж на осигурување; 21 месец доколку има 22-25 години стаж на осигурување и до крајот на вработувањето доколку лицето има стаж на осигурување над 25 години.

5. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 5 на истиот член остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека вработените имат право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност и дека ова нивно право како и другите права од работен однос се уредува со закон и со колективен договор. Според тоа право е на законодавецот уредувајќи го ова право да го утврди и рокот во кој треба да се поднесе барањето за остварување на правото на паричен надоместок како и рокот во кој ова право може да се изгуби. Притоа, законодавецот со оспорениот член 30 став 3 никому не му го ускратил правото на паричен надоместок туку според должината на работниот стаж го определик истекот на рокот во кој лицето привремено невработено доколку не поднело барање за остварување на право на паричен надоместок го губи тоа право.

Со оглед на тоа што истекот на рокот за поднесувањето на барањето е врзано за должината на работниот стаж и важи за сите корисници кои имале право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а во определен рок не поднеле барање за остварување на ова право, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

Во врска со наводот во иницијативата дека лицата кои користеле право на испратнитна од 24 просечни плати, а се здобиле со правото да поднесат барање за материјална обезбеденост за време на привремена невработеност после 48 месеци, според Законот за основните права од работниот однос кој престанал да важи, а со оспорениот член 30 став 3 го губеле правото да поднесат барање, Судот оцени дека тоа е прашање на меѓусебна несогласност на законите односно на примена на Законот за што согласно член 110 од Уставот Судот не е надлежен да одлучува.

6. Исто така, во поглед на барањето за изрекување времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за изрекување на оваа мерка.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.1/97)