242/1996-0-0

242/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 493 став 2 од Законот за процесната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 37/80, 69/82, 58/84, 74/87, 57/89, 20/90 и 27/90).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васил Гагачев од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 493 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што постоењето на институтот поротник во правниот поредок на Република Македонија не соодветствувал со принципот на владеење на правото и што со учеството на судијата поротник во судењето се давала можност за присуство на лаичкиот елемент, што било својствено за правни системи каде што владее диктатура на пролетеријатот, поради што не бил согласен со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 493 став 2 од Законот, кога суди во втор степен на седница на советот, советот е составен од двајца судии, од кои едниот е претседател на советот и од еден судија поротник.

4. Согласно член 103 став 1 од Уставот на Република Македонија, судот суди во совет.

Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува со закон да се утврдува кога суди судијата-поединец.

Во судењето според став 3 на овој член од Уставот, учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон.

Во ставот 4 на овој член од Уставот е предвидено дека судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Согласно член 36 од Законот за судовите судиската функција ја вршат судиите кои постапуваат во сите работи што со закон се ставени во судска надлежност, а во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон.

Во членот 46 од Законот е предвидено за судија поротник да може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој ужива углед за вршење на оваа функција.

Судијата поротник, согласно член 47 од Законот, се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Пред стапувањето на должност, судијата поротник дава свечана изјава пред председателот на судот во кој е избран (член 48 став 1 и став 3).

Судиите поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија поротник.

Против судијата поротник не може да се води постапка за надоместок на штета или друга постапка од страна на странка која е незадоволна од судската одлука (член 61).

За штетата што судијата поротник, во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓани или други правни лица со незаконита или неправилна работа е одговорна Република Македонија (член 62).

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот предвидел, по правило, судот да суди во совет при што упатува со закон да се утврдат случаите, кога суди судија поединец, а, кога во судењето треба да учествуваат и судиите поротници, и предвидува судиите поротници да не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Постапувајќи по оваа одредба од Уставот законите за кривичната и процесната постапка ги уредиле случаите за кои прашања судскиот совет ќе одлучува во состав само од постојани судии, а кога во истиот ќе биде присутен, односно ќе одлучува судијата или судиите поротници.

Статусните прашања, пак, на судиите поротници, согласно оваа уставна одредба, се уредени со Законот за судовите.

Од содржината на одредбите на овој закон, произлегува дека судија поротник треба да биде граѓанин на Република Македонија кој ужива углед за вршење на оваа функција, дека неговиот мандат трае четири години со можност за повторен избор; дека судијата поротник има право на надоместок за вршењето на својата функција и дека Република Македонија одговара за штетата што тој ќе ја причини со неправилно или незаконито работење.

Како што се гледа од изнесеното, постојаниот судија има права и обврски кои се разликуваат од истите на судијата поротник.

Така, во однос на условите за избор, постојаниот судија покрај угледот за вршењето на судиската функција треба да е дипломиран правник со положен правосуден испит и соодветен број години работно искуство во зависност во кој од судовите треба да биде избран.

Во однос на овие права, посебно е битно правото на имунитет. Имено, судијата не може да биде притворен без одобрение на Собранието на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.

Според тоа, Законот за судовите, движејќи се во рамките на овластувањата дадени со став 3 на член 103 од Уставот го определил статусот на постојаниот судија и судијата поротник со јасна дистинкција на нивните права и обврски при вршењето на судиската функција.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, а посебно одредбата од член 103 став 3 од Уставот која педвидува во судењето да учествуваат и судии поротници при што упатува таквите случаи да бидат утврдени со закон, Судот оцени дека Законот за процесната постапка согласно оваа уставна одредба со оспорениот член предвидува учество на еден судија поротник кога суди во втор степен на седница на советот, при што претседателот и другиот член на советот се постојани судии, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.242/96)

Leave a Reply