231/1996-0-0

231/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 1од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 од Одлуката за критериумите, нивоата, начинот и постапката за утврдување и остварување на социјална помош, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Саид Таип и други, од село Почивала, Прналија, Курфалија и Оџалија – Штипско, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, наведувајќи дека со оспорената одлука се оштетувале жителите на селата кои примале социјална помош на начин што примале помал износ на социјална помош од жителите во градовите. Ова било во спротивност со начелото на еднаквост на граѓаните, утврдено во член 9 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да го укине член 2 од оспорената одлука со кој корисниците на социјална помош биле поделени на градски и селски и, аналогно на тоа, добивале различни износи на социјална помош.

3. Судот на седницата утврди дека член 2 од оспорената Одлука предвидува пресметување на нивото на социјалната помош според бројот на членовите на домаќинството и според локацијата, која што локација може да биде во градски или во селски подрачја.
Во член 3 од истата Одлука е утврдена основицата на социјалната помош која што изнесува 1.812,00 денари месечно за домаќинствата кои живеат во градовите и 1.482,00 денари месечно за домаќинствата кои живеат во селата.

4. Согласно член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна и социјална држава. Согласно член 8 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Во член 32 и член 35 Уставот го гарантира правото на материјална обезбеденост, и социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно член 74-а од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/78, 43/78, 35/85, 17/91, 38/91 и 14/95), средствата за финансирање на социјалната заштита се обезбедуваат од Републичкиот буџет. Согласно член 74-в од истиот закон, средствата од Републичкиот буџет за финансирање на социјалната заштита се обезбедуваат согласно со Програмата за остварување и развој на социјалната заштита, која што Програма ја донесува Владата на Република Македонија.

Врз основа на ваквото законско овластување Владата на Република Македонија донела Програма за заштита на социјално загрозеното население во 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/96), со која што Програма е предвидено нивото на социјална помош да се утврдува според бројот на членовите на домаќинствата, нивната возраст и локација, при што локацијата на домаќинствата може да биде во градски и во вонградски подрачја. Во Програмата се наведува дека одделните нивоа на социјална помош се условени од линијата на сиромаштијата пресметана според статистички истражувања и обезбедените средства за тоа, кои што изнесуваат на годишно ниво за градовите 43.495,00 денари и за селските региони 35.556,00 денари. Поаѓајќи од ограничените можности во Републиката, социјалната помош е определена во висина од 50% од утврдената линија на сиромаштија, за сите корисници на социјална помош.

Заради операционализација на цитираната Програма, Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за критериумите, нивоата, начинот и постапката за утврдување и остварување на социјална помош (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/96), со која се утврдени поблиските критериуми, нивоата, начинот и постапката за утврдување и остварување на социјална помош на граѓаните кои се нашле во положба на социјална потреба. Во членот 2 од Одлуката, кој што е оспорен со иницијативата, е предвидено дека нивото на социјалната помош се пресметува според бројот на членовите на домаќинството и неговата локација. Во членот 3 од Одлуката е утврдена основицата на социјалната помош (износ на социјална помош кој се исплаќа за еден возрасен член на домаќинството), и таа изнесува 1.812,00 денари месечно за домаќинствата кои живеат во градовите, и 1.482,00 денари месечно за домаќинствата кои живеат во селата.

Имајќи ги предвид одредбите од Уставот на Република Македонија, цитираните прописи и наводите од инициијативата и одговорот на иницијативата, Судот најде дека преку предвидениот критериум за утврдување на нивото на социјалната помош преку локацијата на домаќинството, не се повредува член 9 од Уставот, ниту пак другите уставни одредби со кои се гарантираат економските и социјалните права на човекот и граѓанинот.

Имено, грижата за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните е објективно условена од економската моќ на државата и од начелото на социјалната праведност. Должност е на Републиката, во рамките на економските можности, да обезбеди социјална помош на што поголем број на корисници кои се нашле во ситуација на потреба од таква помош. Следствено на ова, со Програмата за заштита на социјално загрозеното население за 1996 година и со оспорената одлука, Владата, врз основа на статистички податоци добиени од Заводот за статистика на Република Македонија, ги утврдила минималните трошоци за живот на годишно ниво, кои што трошоци, според анализата на статистичките податоци, се различни за домаќинствата кои живеат во градовите од трошоците на домаќинствата кои живеат во селата, поради што е утврдено и различно ниво на социјална помош во зависност од локацијата на домаќинството.

Преку наведениот начин на утврдување на нивото на социјалната помош не доаѓа до повреда на начелото на еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, ниту пак на начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. напротив, на овој начин државата обезбедила еден објективен критериум за утврдување на нивото на социјалната помош која што според својата суштина не се исплаќа паушално, туку треба да ги задоволува стварните минимални потреби на домаќинствата кои се нашле во ситуација да користат ваква помош, а во рамките на економските можности на државата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите: Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.231/96)

Leave a Reply