153/1996-0-0

153/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за царините (“Сл. весник на Република Македонија” бр.63/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Драган Поповски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 став 5 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал во слободните царински продавници да се држи стока со поединечна вредност не поголема од 1000 ДЕМ со што се повредувало начелото на слободата на пазарот и претприемништвото, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот став 5 на член 8 од Законот предвидува во слободните царински продавници да се сметстува и продава стока чија поединечна вредност не е поголема од 1000 ДЕМ.

4. Согласно член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во ставот 3 на овој член од Уставот е предвидено дека слободата на пазарот и претпримеништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина и здравјето на луѓето.

Согласно член 8 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за царините на граничните патни премини и воздухопловни пристаништа отворени за меѓународен сообраќај на кои е организирана пасошна и царинска контрола може да се отворат слободни царински продавници во кои ќе се врши продажба на стоки, што претставува дејност од јавен интерес.

Согласно ставот 4 на овој член од Законот на стоките што се продаваат во слободните царински продавници не се плаќа царина и други увозни давачки, освен давачката за царинско евидентирање.

Оспорениот став 5 од Законот предвидува во слободните царински продавници да се сместува и продава стока чија поединечна вредност не е поголема од 1000 ДЕМ.

Во ставот 6 е предвидено дека вршењето на дејност, продажба на стоки во слободната царинска продавница може да се даде на концесија на домашно правно или физичко лице. Бројот на концесионерите за секој граничен премин, односно воздухопловно пристаниште ќе го определува Владата на Република Македонија, за период од пет години.

Ставот 7 предвидува еден концесионер да може да врши дејност продажба на стока најмногу во три слободни царински продавници на територијата на Република Македонија.

Според ставовите 8 и 9 од Законот концесија за продажба на стоки во слободна царинска продавница дава Владата на Република Македонија, по пат на јавен конкурс, а во име на Владата на Република Македонија, договорот за концесија го склучува министерот за финансии.

Понатаму, со одредбите од членовите 206-а, 206-б, 206-в, 206-г, 206-д, 206-ѓ и 206-е од оспорениот закон се уредуваат прашања во врска со можноста на давањето на слободните царински продавници на концесија; се определуваат субјектите со можен бонитет за отварање, односно држење на продавници од овој вид; начинот на работата; условите што треба да ги исполнуваат вработените во нив; начинот на добивањето правото на концесија на слободната царинска продавница и сл.

Од наведените законски одредби произлегува дека слободните царински продавници имаат статус на државни концесии што вршат дејност од јавен интерес.

Исто така, од наведените одредби произлегува дека држателите на слободните царински продавници, истите ги земаат под закуп, што се регулира со посебен договор заклучен со Владата на Република Македонија, односно со министерот за финансии. Понатаму, тоа значи и дека држателот на слободната царинска продавница всушност, со купувањето на употребувањето на истата, во вакви услови подлежи на административно ограничување на вредноста на стоката што е негова сопственост и што се наоѓа и продава во продавница од ваков вид.

Согласно член 2 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/96) меѓу другото, како стопански дејности од јавен интерес се сметаат дејности или одделни работи од дејностите со кои се остварува јавниот интерес во поедини дејности утврдени со закон.

Исто така, овој член од Законот предвидува условите и начинот за вршење на дејностите како и начинот на остварување на јавниот интерес да се уредуваат со закон.
Во член 3 став 4 од Законот е предвидено дека правни и физички лица можат да вршат стопанска дејност од јавен интерес на начин и под услови утврдени со овој или со друг закон.

Понатаму, согласно член 43 од овој закон, стопанска дејност од јавен интерес за Република Македонија, можат да вршат физички и правни лица врз основа на дозвола.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека дозвола за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес од страна на физички или правни лица, може да се даде за сите дејности од јавен интерес, освен за дејностите утврдени со закон.

Според ставот 3 на овој член од Законот, дозволата ја дава Владата на Република Македонија.

Давателот на дозволата и физичкото, односно правното лице склучуваат договор во кој поблиску се утврдуваат постапката и начинот за вршење на стопанската дејност од јавен интерес и меѓусебните права и обврски на давателот на дозволата и непосредниот вршител на стопанската дејност од јавен интерес.

Од наведените одредби, произлегува дека слободните царински продавници вршат стопанска дејност од јавен интерес; дека држатели (концесионери) на овие продавници можат да бидат физички или правни лица кои по добивањето дозвола, односно по давањето на концесијата од страна на Владата на Република Македонија со неа заклучуваат договор со кој се определуваат условите и начинот на работата во овие продавници.

При определувањето на условите за работа на слободната царинска продавница, државата, односно Владата е овластена, заради заштитата на домашниот пазар, да предвиди ограничување на вредноста на производите што се продаваат во неа. Ова затоа што, на стоката што се продава во слободните царински продавници не е засметана ниту царината, ниту данокот на промет ниту другите давачки, на што подлежат сите стоки што се продаваат на домашниот пазар.

Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за царините и одредбата од член 55 од Уставот на Република Македонија со која се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, Судот оцени дека стоките што се продаваат во слободните царински продавници не можат да се поистоветуваат, односно да имаат статус на стока што се продава на домашниот пазар. Од тие причини, државата, со цел да го заштити своето производство е овластена да прави вакви ограничувања, што според оценката на Судот не значи дека со нив се врши повреда на начелото на слободата на пазарот и претприемништвото и на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, затоа што Уставот гарантирајќи им еднаква положба на сите субјекти на пазарот, мисли на субјекти со еднаков правен статус на пазарот, што не е во конкретниов случај.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами во својство на заменик на претседателот на Судот, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.153/96)

Leave a Reply