229/1996-0-0

229/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година и за усогласување на пензиите остварени во 1993 и 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Славко Миланов и други граѓани од Куманово му поднесоа иницијатива со барање Судот да ја преиспита својата одлука У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година. Според наводите во иницијативата со Одлуката на Уставниот суд У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година, со која е поништена точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95), пензиите остварени во 1995 и 1996 година биле многу повисоки во однос на пензиите остварени во 1994, 1993 и поранешните години и покрај тоа што пензиската основа се пресметувала од платата остварена од 1970 година, а не како порано од платата остварена за десет години и тоа од најповолните десет години. Притоа со иницијативата се илустрира пример за остварена пензија во 1994 година и пензија остварена во 1995 година на просветен работник со 40 години пензиски стаж и се укажува дека за оваа категорија пензионирани работници (се мисли на исти услови – 40 години пензиски стаж и иста плата) пензиите остварени во 1995 година се повисоки во однос на 1994 година за 900 денари, а требало да бидат пониски за 5% со оглед на тоа дека највисокиот процент за определување на пензијата е 80%.

Доколку Уставниот суд не најде основ за преиспитување на својата одлука, со иницијативата се бара пензиите остварени пред 1995 година да се корегираат – усогласат со околу 30% со што би се остварило уставното начело за социјална праведност.

3. На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година ја поништил одредбата од точката 2 на Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година, донесено од директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95). При тоа Судот утврди дека според Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), висината на пензијата зависи од вложувањата и должината на пензискиот стаж на осигуреникот со што се остварува уставното начело на социјална сигурност на граѓаните во рамките на овој закон. Усогласувањето на пензиите, пак, е исто така, право на корисниците на пензија и има за цел да го следи порастот на платите во нестопанството во Републиката и неможе при нивното усогласување пензиите поради влијание на друг закон да се сведуваат од просечно на месечно ниво со примена на коефициент 0,8027%, односно се намалуваат со околу 20%. Ова и од причини што во моментот на донесување на Одлуката негативното усогласување на пензиите произлегуваше од влијанието на Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), а одредбите од овој закон со кои се вршеше ограничување на пензиите со Одлука на Уставниот суд У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година се отстранети од правниот поредок.

Од наведените причини Судот оцени дека одредбата на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година не е во согласност со член 34 и член 35 став 1 од Уставот, член 19, 33 и член 37 став 1, 2, 3 и 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

4. Според член 112 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Од наведените уставни одредби, како и целината на уставните одредби кои се однесуваат на системот на заштитата на уставноста и законитоста, произлегува дека одлуките на Уставниот суд се задолжителни, конечни и извршни.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни преки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниов случај Уставниот суд со Одлуката У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година ја поништил одредбата од точката 2 од Решението за валоризационите коефицинети за пресметување на платите од поранешните години на ниво 1994 година, со што оваа одредба престанала да важи со денот на објавувањето на Одлуката во “Службен весник на Република Македонија”, а Уставниот суд нема надлежност за враќање во позитивниот правен поредок на актот или прописот што го укинал или поништил. Поради тоа Судот оцени дека не постојат уставни и деловнички основи повторно да одлучува за уставноста и законитоста на поништената одредба на точката 2 од означеното решение преку преиспитување на својата одлука.

Во поглед на барањето со иницијативата, доколку Судот не ја преиспита својата одлука, пензиите остварени пред 1995 година да ги корегира, односно зголеми со 30%, согласно член 110 од Уставот, овој суд не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.229/96)

Leave a Reply