203/1996-0-0

203/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за прибавување на средства од граѓаните за проширување на материјалната основа на организациите на здружениот труд (“Службен лист на СФРЈ” бр.24/86).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од адвокатот Слободан Димитров од Битола, со Решение У.бр.203/96 од 6 ноември 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот, организација на здружениот труд може да прибавува средства од граѓаните заради унапредување и зголемување на производството и давање услуги, воведување на современа технологија и создавање услови за проширување на работењето и вработувањето. Под средства се подразбираат парични средства, опрема и резервни делови, земјиште, шуми, засади, инвентар, деловен простор и материјални права. Ѓраѓанин во смисла на овој закон е државјанин на СФРЈ.

Според член 2 од Законот, средствата што организацијата ќе ги прибави од граѓани се општествена сопственост, а ќе се користат како средства на трудот и работењето само за целите утврдени во член 1 став 1 од овој закон.

Меѓусебните права и обврски на организацијата и на граѓанинот се утврдуваат со договор, кој се склучува во писмена форма и во кој се утврдува износот на паричните средства што организацијата ги прибавила од граѓанинот, видот и количеството на опрема и други средства што организацијата ги прибавила од граѓаните и меѓусебните права и обврски, меѓу кои и роковите и начинот на враќање на паричните средства, односно исплатата на противредноста на другите средства и сл. Организацијата не може со договор да се обврзе да почне враќање на парични средства односно исплата на противредноста на другите средства пред истекот на рокот од три години од денот на прибавувањето на тие средства. Доколку некој од овие елементи не содржи договорот или не е склучен во писмена форма договорот не произведува правно дејство.

Во член 7 од Законот е предвидено дека вредноста на опремата и резервните делови, земјиштето, шумите, засадите, инвентарот, деловниот простор и материјалните права, што организацијата ги прибавува од граѓаните се утврдува според пазарната цена на денот на склучувањето на договорот, а ако средствата се увезуваат – по цената која е основица за пресметување и плаќање на царината и на другите увозни давачки.

Во овие одредби и во другите одредби од Законот се определува динарот како платежно средство.

Во член 8 од Законот е предвидено организацијата на здружениот труд да може да прибавува од граѓани само нова опрема, резервни делови и инвентар што технолошки ги унапредуваат средствата на трудот, производството и работењето на организацијата на здружениот труд.

По исклучок организацијата може од граѓанинот да прибави опрема и резервни делови или инвентар што граѓанинот ги имал и користел, под услов од почетокот на нивното користење до денот на предавањето да не поминало повеќе од половина од со закон утврдениот рок за нивната амортизација.

Во понатамошните одредби од Законот е уредено прашањето за начинот на враќањето на вложените средства или погодности кои што може да ги користи граѓанинот што вложил средства, во кои погодности е предвидена можност и за вработување на граѓанинот или на членовите на неговото семејство.

Понатаму, во член 13 од Законот се предвидува дека вработувањето на граѓани кои вложиле средства не ги ослободува организациите од обврската за вработување на приправници.

Во член 16 од Законот е предвидено дека на увозот на средствата кој се врши според одредбите на овој закон се применуват одредбите на соодветните сојузни закони со кои се уредува увозот, плаќањето царина и други давачки.

Во член 19 од Законот се утврдува и паричната казна за стопански престап на организацијата на здружениот труд и тоа, на пример ако прибавените средства не ги користи заради остварување на целите утврдени во член 1 став 1 од Законот, за што се казнува и одговорното лице со одредена парична казна во динари.

5. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и се пропишува дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, во рок од 6 месеци од денот на прогласувањето на Уставот, требаше да се донесе закон за начинот на трансформација на општествената сопственост.

Според Уставот на СР Македонија од 1974 година општествената сопственост не беше третирана како имотно-правна односно сопственосна категорија. Носителите на правото на општествена сопственост не можеа да имаат статус на сопственици поради специфичностите во правниот режим на располагањето и управувањето со средствата во општествена сопственост, како и определувањето на условите за нивната распределба.

Со Уставот на Република Македонија е воспоставен нов концепт на општественото уредување, во кое, покрај другото, се гарантира сопственоста во граѓанско-правна смисла. Според тоа Уставот на Република Македонија ниту ја познава ниту ја гарантира општествената сопственост.

Понатаму, со Уставот на Република Македонија се напушта концептот на слободниот здружен труд, општествената сопственост и самоуправувањето, како основа на општествено-економското уредување, при што се определува за пазарно стопанство со почитување на економските законитости.

Така, со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, што претставува и една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката.

Принципот на слободата на пазарот и паретприемништвото доведе до суштинска промена и во поглед на управувањето и учеството во одлучувањето на работниците во претпријатијата и другите стопански субјекти.

Уставот на Република Македонија го напушта поранешниот систем на управување со организациите на здружениот труд, заснован на принципот на самоуправување и предвидува нови основи на управувањето и учеството во одлучувањето.

Така, според член 58 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Според тоа во сегашниот уставно-правен поредок во Република Македонија се предвидува нов концепт на основање и работа на различните видови на стопанските субјекти и се определува нов начин на управување и учество во управувањето во стопанските субјекти, во кои пред се основна улога имаа сопственоста на капиталот вложен во стопанскиот субјект.

Со оглед на тоа што со оспорениот закон е предвидено средствата што се прибираат од граѓаните задолжително да бидат во општествена сопственост и што се определени намените за кои можат да се користат прибавените средства, како и со оглед на тоа што како субјекти кои можат да прибавуваат средства од граѓаните со Законот се предвидени организациите на здружениот труд во кој постоеше посебен начин на управување односно самоуправување и кои во позитивното законодавство веќе не се предвидени како можни облици на здружување на средства ниту начинот на управување во организациите на здружениот труд е предвиден и можен во сегашните стопански субјекти, Судот оцени дека тој не е во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

Исто така, со оглед на тоа што со оспорениот закон како граѓани од кои организациите можат да прибавуваат средства се сметаат граѓаните на СФРЈ тоа значи на држава која веќе не постои и како платежно средство се предвидува динарот, кој е платежно средство на друга држава, а не на Република Македонија, Судот оцени дека Законот не само суштински, туку и терминолошки не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.203/96)

Leave a Reply