186/1996-0-0

186/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 52, член 59 став 1, членовите 74, 75 и 76 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Гоце Симовски од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата законското решение содржано во членот 52 и 59 став 1 не било во функција на образовниот процес во основното образование, односно ги дестимулирал учениците да се стекнат со знаење затоа што предвидувал учениците од И одделение во првото полугодие и учениците од В одделение, во првото тримесечје да не се оценуваат и бара зборовите “да не се оценуваат” да се замени со “оценуваат”, а зборот “се преведуваат” да се замени со “повторуваат”.

Учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите биле оценувани во текот на своето образование на факултетите и педагошката академија, а за вршење на својата работа во основното образовние требало да се вреднуваат, а не да се оценуваат и затоа смета дека зборовите во член 74 од Законот “се оценуваат секоја втора година” требало да се заменат со зборовите “се вреднуваат на секои пет години”. Исто така, смета дека оценувањето требало да го врши само советник на Педагошкиот завод на Македонија и во таа смисла одредбата на членот 74 став 2 од Законот требало да гласи: “оценувањето го врши советник на Педагошкиот завод на Македонија”.

Членот 75 од овој закон не бил во согласност со Уставот затоа што предвидувал на учителот, наставникот, стручниот работник и воспитувачот да му престане работниот однос ако за својата работа два пати едно подруго е оценет со незадоволителна оцена, а не ако постои еден од основите за престанок на работниот однос утврдени со Законот за работните односи.

Понатаму, подносителот смета дека во членот 76 став 1 требало да стои: “вработените во основното училиште да бидат систематски прегледувани по потреба”, а не преку систематски специјалистички прегледи до почетокот на учебната година.

3. На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.61/95 од 13 декември 1996 година не поведе постапка за оценување уставноста на член 75 од Законот за основното образование.

При тоа Судот утврди дека заради специфичниот карактер на воспитно образовната дејност, со Законот за основното образование, покрај другото, се уредува дека таа дејност во основното образование можат да ја вршат учителите, наставниците, стручните работници (педагог, психолог, дефектолог, социјален работник, библиотекар) и воспитувачите. Понатаму, утврди дека со овој закон се утврдени и условите и начинот на изборот на тие лица, кои согласно член 73 став 1 од Законот, се должни перманентно стручно да се усовршуваат. Според член 74 став 1 од Законот, тие се оценуваат секоја втора година, а според ставот 4 од овој член на Законот, резултатот од оценувањето овозможува стекнување со звање. Доколку за својата работа, според оспорената одредба на член 75 од Законот, учителот, наставникот, стручниот работник и воспитувачот, два пати едно по друго е оценет со незадоволителна оцена му престанува работниот однос.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби Судот оцени дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори и дека тие права за учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите во основното образование се уредени со Законот за основното образование. Со оспорената одредба на член 75 од овој закон според мислењето на Судот, не се врши поделба на вработените на две категории, туку се утврдува престанок на работниот однос на лицето кое врши воспитно-образовна работа ако за својата работа два пати едно подруго е оценето со незадоволителна оцена. Според тоа, таквиот криериум утврден со Законот, не може да се сфати како ускратување на уставното право на работа, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 75 од Законот за основното образование со одредбите на Уставот.

Со оглед на тоа дека Судот веќе одлучувал за оспорената одредба, а со иницијативата не се укажува на нови факти и поинакви правни аспекти Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување.

4. Во поглед на наводите во иницијативата Судот да поведе постапка за оценување на член 75 од Законот затоа што не бил во согласност со Законот за работните односи и дека решенијата содржани во оспорените одредби на член 52, на член 59 став 2, на член 74 и на член 76 став 1 од овој закон треба да се заменат со други зборови или со други законски решенија, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.186/96)

Leave a Reply