180/1996-0-0

180/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

– член 124 став 2 алинеја 2 од Статутот на Општина Охрид донесен на 15 февруари 1996 година;

– член 121 став 2 од Статутот на Општина Битола донесен на 10 мај 1996 година;

– член 120 став 2 од Статутот на Општина Ресен донесен на 16 април 1996 година и

– член 127 став 2 од Статутот на Општина Струга донесен на 15 мај 1996 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на:

– Уводниот дел на Статутот на Општина Охрид и членовите 47 став 1 алинеја 6, 54, 109, 110, 119 и 138, донесен од Собранието на Општината на 15 февруари 1996 година;

– Уводниот дел на статутот на Општина Битола донесен на 10 мај 1996 година и членовите 46 став 1 алинеја 5, 52, 107 став 2, 108, 116 и член 5 од Одлукат аза спроведување на Статутот на Општина Битола донесена на 10 мај 1996 година;

– Уводниот дел на Статутот на Општина Ресен донесен на 16 април 1996 година и членовите 46 став 1 алинеја 5, 52, 106 став 2, 107, 115 и член 5 од Одлукат аза спроведување на Статутот донесена од Собранието на општината на 16 април 1996 година;

– Уводниот дел на Статутот на Општина Струга донесен на 15 мај 1996 година и членовите 51 став 1 алинеја 5, 56, 113 став 2, 114, 121 став 2, 122 и член 5 од Одлуката за спроведување на Статутот на општина Струга донесена на 15 мај 1996 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Републичкиот одбор на месните заедници на Република Македонија, застапуван од Ристо Мицковски од Скопје претседател на Одбор му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од статутите на општините Охрид, Струга и Ресен донесени врз основа на членовите 29 и 95 од Законот за локалната самоуправа што е во спротивност со Законот за локалната самоуправа бидејќи во членот 29 став 1 точка 1 се предвидува новиот статут да го донесе советот на општината, што ќе биде избран по спроведувањето на новите избори, а не сегашните собранија на општините, а членот 95 не можел да послужи како основ за донесување на статути биејќи содржината на овој член исклучиво се однесува за траење на мандат на избрани и именувани лица на органите на сегашните собранија.

Собранието на општина Битола, пак, во уводниот дел на Статутот се повикало на членот 8 и 91 од Законот за локалната самоуправа, што исто така не можело да биде основ за донесување на Статутот и било спротивно на Законот за локалната самоуправа, бидејќи членот 8 се однесувал за правото на новите совети да донесуваат Статут, додека членот 91 предвидувал усогласување на постојниот Статут, а не донесување на нов статут како што е направено во општината Битола.

Понтаму во иницијативата се наведува дека во статутите на наведените општини месната самоуправа односно месните заедници не се адекватно разработени и третирани во духот на член 114 од Уставот на Република Македонија и се во спротивност со Законот за локалната самоуправа.

– Во однос на оспорените членови во иницијативата се наведува дека член 47 став 1 алинеја 6 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови на статутите на другите општини се во спротивност со член 80, 81 и 83 од Законот за локална самоуправа бидејќи облиците на месната самоуправа се облици на месна самоуправа на граѓаните во местото на живеење, истите се правни лица и можат слободно и самостојно да основаат сопствени асоцијации на ниво на општини и пошироко.

– Член 54 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови од статутите на другите општини не биле во согласност со член 80, 81 и 83 од Законот за локална самоуправа.

– Член 109 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови на статутите на другите општини не биле во согласност со член 80 од Законот за локална самоуправа бидејќи изворно право е на граѓаните да основаат облици на месна самоуправа при што советот на единиците на локална самоуправа не може да го ограничува и условува тоа право, односно со статутот можело само начелно да се утврди правната и организационата рамка на обликот на месната самоуправа, а не тоа да биде изворно право на советот.

– Член 110 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови на статутите на другите општини не биле во согласност со член 80 од наведениот закон бидејќи се предвидува граѓаните јавно да се изјаснуваат за основање на месна самоуправа при што се оневозможува граѓаните сами да одлучат за начинот на изјаснување.

– Член 119 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови на статутите на другите општини не биле во согласност со член 83 од Законот бидејќи месната заедница е правно лице која слободно настапува во правниот промет поради што треба да има статут за работа, а не правила.

– Член 124 став 2 од Статутот на општина Охрид и соодветните членови од статутите на другите општини не биле во согласност со членовите 80, 81 и 83 од Законот за локална самоуправа, бидејќи надзорниот одбор на Советот на општината врши контрола над финансиското работење на обликот на месната самоуправа наместо тоа да го врши наддзорниот орган на месната заедница.

– Член 138 од Статутот на општина Охрид и член 5 од Одлуките за спроведување на статутите на општина Битола, Струга и Ресен не биле во согласност со членовите 80, 83, 92 и 95 од законот за локалната самоурпава затоа што ги задолжувале месните заедници во рок од три месеци да ја усогласат својата оргнаизација и работа со одредбите на Статутот на единиците на локалната самоуправа, а според Законот месните заедници во постојниот состав продолжуваат со работа и со иста надлежност до донесување на статут на единиците на локалната самоуправа односно во законот не е даден рок во кој месните заедници треба да ја усогласат својата организација и надлежност.

4. На седницата Судот утврди дека во член 124 став 2 од Статутот на Општина Охрид, член 121 став 2 од Статутот на Општина Битола, член 120 став 2 од Статутот на Општина Ресен и член 127 став 2 од Статутот на Општина Струга е предвидено дека контрола над финансиското работење на облиците на месна самоуправа врши надзорниот одбор на советот на општината.

Во член 82 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/9) е предвидено дека работите од член 81 на овој закон се финансираат од: – средствата кои што единицата на локалната самоуправа ќе им ги отстапи на месните заедници идругите облици на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој, – средства што граѓаните непосредно ги здружуваат, – средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица, – средства од надоместок за услуги и подароци и други средства.

Тргнувајќи од наведената одредба со која се регулира прашањето за финансирање на работата на месната самоуправа, единицата на локалната самоуправа може да врши финансиска контрола на работата на месната самоуправа меѓутоа таа контрола треба да се сведе на оние средства и за оние средства кои се обезбедени од единицата на локалната самоуправа, а не и за другите средства кои месната самоуправа ги обезбедила на друг начин.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспорените одредби се овозможува финансиска контрола од страна на единицата на локалната самоуправа над сето финансиско работење на месната самоуправа а не само на контрола за оние средства што и се отстапени од единицата на локалната самоуправа Судот смета дека на тој начин се задира во самостојноста на месната самоуправа, поради што оцени дека оспорените одредби не се во согласност со наведените законски одредби.

5. Понатаму судот утврди дека основ за доенсување на Статутот на општина Охрид, Струга и Ресен е членот 21 точка 1 а во врска со член 95 од Законот за локалната самоуправа, а основ за донесување на Статутот на општина Битола е член 8 а во врска со член 91 од Законот за локалната самоуправа.

Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаниате им се гарантира правото на локална самоуправа.

Во општините може да се основаат облици на месна самоуправа.

Според член 91 од Законот статутите на единиците на локалната самоуправа ќе се усогласат со одредбите на овој закон најдоцна во рок од 6 месеци од денот на неговото влегување во сила.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај собранијата усогласувањето на статутите го извршиле со донесување на нови статути, Судот смета дека донесувањето на новите статути значи всушност, усогласување на постојните статути со законот, а дали усогласувањето на постојните статути ќе се изврши со измени и дополнувања на соодветните одредби или, пак, ќе се донесе нов статут усогласен со одредбите на законот е само прашањето на техника при донесување на статутите и тоа не треба да претставува пречка по одржаните избори за органи во советите на единиците на локалната самоуправа советот да донесе нов статут.

6. Во однос на оспорените членови од Статутот на Општина Охрид, Струга , Ресен и Битола наведени во точка 2 од ова решение Судот смета дека тие се во согласност со Законот за локалната самоуправа, а при тоа судот не се впушти во оценка на уставноста на Законот за локалната самоуправа.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.180/96)

Leave a Reply