143/1996-0-0

143/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставнсота на член 17 став 3 од Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93, 70/94, 14/95, 42/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Здружението на претпријатијата од јавниот патен сообраќај “Македонија-сообраќај” – Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во топчката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот го повредувала правото на сопственост гарантирано со Уставот на Република Македонија. Имено, за стопански престап правното лице се казнувало по повеќе основи и тоа: за стопански престап се казнувало правното лице, за прекршок се казнувале возачите и со парична казна се казнувало одговорното лице во правното лице. Покрај наведените мерки со оспорената одредба била предвидена и заштитна мерка одземање на моторно возило.

Одговорноста на правното лице врз основа на објективна одговорност била во спротивност со принципите за одговорност затоа што дејствијата се случувале на пат каде правното лице не можело да врши надзор и доколку постоел престап можело да се работи за субјективна одговорност на возачите, а превозникот немал обврска за плаќање на акциза, бидејќи во продажната цена на горивото била вкалкулирана и акцизата. Понатаму, во иницијативата се наведува дека со повеќемесечното неангажирање на товарните возила правното лице трпело големи загуби во работењето со што била загрозена егзистенцијата на вработените затоа што возилата биле основно средство за работа на правното лице во кое се остварува капитал.

Оспорената одредба не била во согласност со Уставот и затоа што моторното возило се одземало без предходно за тоа да има донесено правосилна судска одлука.

3. На седницата Судот утврди дека според член 17 од Законот со парична казна од 100 до 250 плати ќе се казни за стопански престап правното лице ако:

1) во својство на купувач, при набавката на производи му даде на продавачот неточни или невистинити податоци врз основа на кои ги набавуваат производите за намените заради кои според закон не се плаќа акцизи;

2) пушта во промет преработки од тутун од странско производство без ознака, односно цигари што се илегално внесени во земјата;

3) при промената на акцизите не изврши попис на производите на залихи или ако во новите цени не го вкалкулира зголемениот односно намелениот износ на акцизата;

4) обврзникот на акцизата во фактурата посебно не ја искаже акцизата која му се засметува на купувачот; и

5) ако употреби масло за горење екстра лесно (ЕЛ) или масло за горење лесно специјал (ЛС) за целите за кои според овој закон не можат да се употребуват, односно да се користат.

За дејства од став 1 на овој член ќе се казни за стопански престап и одговорното лице во претпријатието или во друго правно лице со парична казна од пет до десет плати, а со оспорената одредба на ставот 3 од овој член е предвидено дека за стопански престап во смисла на точка 5 став 1 од овој член, му се изрекува и заштитна мерка одземање на моторното возило (камион, патнички автомобил и друго), тракторот, пловниот објект или другиот мотор со кој е сторено таквото дело.

4. Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може даа биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казнивите дела.

Врз основа на изнесеното, според мислењето на Судот, постои уставна основа со закон да се утврдат казнивите дела, а во тие рамки и стопанските престапи како казниви дела, да се утврди одговорноста за сторување на овој вид казниви дела како и да се утврдат казните за сторување на утврдените казниви дела. Понатаму, Судот смета дека, со оглед на тоа што во Уставот не се дефинирани казнивите дела, право е на законодавецот да ги уреди овие прашања – да ги дефинира и во зависност од нивната тежина да утврди соодветна казна, а како можна санкција за одреден вид на стопански престап да пропише и соодветна заштитна мерка. Според тоа, со закон стопанските престапи можат да се предвидат како казниви дела, а какви санкции ќе се предвидат за овој вид казниви дела е прашање на законодавецот.

Согласно член 51 став 2 од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а согласно член 8 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото. Според тоа, секој субјект во Републиката при остварувањето на своите уставно гарантирани права е должен да ги почитува Уставот и законите преку што се остварува и уставното начело за владеењето на правото, а тоа значи дека со остварувањето на одредени слободи и права не може да се повредуваат слободите и правата на другите граѓани или тие да се остваруваат на штета на другите граѓани или на заедницата во целина, а основи за границите, односно за ограничување на слободите и правата, според мислењето на Судот, се наоѓаат во соодносот помеѓу поединечниот интерес и интересот на заедницата, кој истовремено е интерес и на секој поединец.

Уставната обврска, пак, за почитување на Уставот и законите од страна на граѓаните и другите субјекти по својата суштина претставува и основа за санкционирање за неисполнување на должностите утврдени со Уставот и обврските утврдени со закон.

Со членот 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 1 од Законот за акцизите, се воведува плаќање на акцизи, а според ставот 2, акцизите претставуваат посебен вид на данок на промет на производите определени со овој закон.

Со членот 15 од Законот е предвидено дека составен дел на овој закон е Тарифата на акцизите. Со тарифниот број 1 се определени акцизите што се плаќаат на прометот на навтени деривати. Под точката 3 на овој тарифен број се плаќа акциза на масло за горење екстра лесно (ЕЛ) и масло за горење лесно – 36,016% и специјално (ЛС) -37,016%.

Смислата на оспорената одредба е да се санкционира дејствие кое не е допуштено со овој закон, односно дејствие сторено на штета на заедницата, ако правното лице употреби гориво кое по тарифата е наменето за горење, а не како моторен бензин или дизел гориво за што се плаќаат повисоки акцизи.

Со оглед на тоа што гарантираните права со уставот не ги ослободуваат граѓаните и правните лица од обврските утврдени со устав и закон, Судот смета дека не е во несогласност со Уставот за непридржување кон одредени правила пропишани со Законот за акцизите да се пропишат за сторени стопански престапи и соодветни санкции, односно заштитни мерки.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со наведените уставни одредби.

5. Во поглед на наводите во иницијативата дека со одземањето на возилото со кое е сторен стопански престап, а кое служи за вршење на дејноста на правното лице и претставува извор на егзистенција и дека со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок – хуманизмот, социјалната правда како и правото на работа, а со тоа се доведува во прашање и социјалната сигурност на граѓаните, Судот смета, поаѓајќи од уставната обврска за почитување на законите, како и дека правата на граѓаните и другите субјекти се во корелација со нивните должности, целисходноста и оправданоста за изрекување на заштитните мерки за сторен стопански престап спаѓа во сверата на казнената политика на законодавецот за што овој суд не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.143/96)

Leave a Reply