173/1996-1-0

173/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за педагошки мерки на учениците и други слушатели во средното полициско училиште при Центарот за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштита “Елисие Поповски Марко” во Скопје, донесен од Советот на Центарот на 24 март 1992 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.22/48 со која на Лозановски Гоце му се изрекува мерката отстранување од училиштето, донесена од Наставничкиот совет при Средното полициско училиште на 28 јуни 1996 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Драган Лозановски од Крушево му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на член 22 став 1 точка 2 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се ускратувало правото на средно образование под еднакви услови гарантирано во сите средни училишта, што не било во согласност со Уставнот на Република Македонија и со Законот за средното образование и што со Одлуката означена во точката 2 од ова решение на ученикот му била изречена мерката отстранување од училиштето после неколку месеци од почнувањето на учебната година поради покажан слаб успех, а статусот на редовен ученик можел да престане под определени услови утврдени со Законот за средно образование.

4. На седницата Судот утврди дека во Правилникот се утврдуваат видот, постапката и начинот на применување на педагошките мерки за учениците во средното полициско училиште според одредбите на Законот за насочено образование и Упатството за видот, постапката и начинот на применување на педагошките мерки за учениците во организациите за средно образование. Согласно член 17 од Правилникот заради обезбедување работна дисциплина и културно поведение во училиштето на учениците кои не ги извршуваат работните должности и ги кршат правилата на однесување се применуваат педагошки мерки писмена опомена, опомена пред отстранување и отстранување од организацијата за образование.

Понатаму од членовите 18 до 29 од Правилникот се разработуваат условите за изрекување на дисциплинските мерки за учениците како и постапката и органите за изрекување на тие мерки.

5. Во Законот за основање центар за образование на кадри од областа на безбедноста (“Службен весник на РМ” бр.27/95) кој е специјален закон за средното полициско училиште не се уредуваат прашањата за дисциплинската одговорност на учениците. Според тоа и за овие училиште ќе се применува Законот за средното образование во поглед на изрекување на педагошки мерки за учениците. Согласно член 57 став 1 од Законот за средното образование заради повреда на должностите и неисполнување на обврските за ученикот можат да се применат педагошки мерки: опомена, опомена пред отстранување и отстранување од јавното училиште. Согласно член 57 став 3 опомената пред отстранување и отстранувањето ги изрекува наставничкиот совет, а против одлуката на став 3 на овој член ученикот може да поднесе приговор до органот на управување на училиштето во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката. Според став 7 на овој член од Законот педагошката мерка отстранување може да се изрече само за потешка повреда на должноста утврдена со статут на училиштето.

Од изнесените одредби произлегува дека наставничкиот совет ги изрекува педагошките мерки опомена и отстранување од училиштето, а потешките повреди на должностите се утврдуваат во статутот. По приговор одлучува органот на управување на училиштето, а орган на управување на училиштето според законот е училишниот одбор. Училишниот одбор (член 88 од законот) го донесува статутот и е составен од 9 члена и тоа двајца претставници од основачот, тројца претставници од родители на ученици и четворица претставници од наставниците, а врз основа на стручност и компетентност.

Понтаму, во член 113 од преодните и завршните одредби од законот е предвидено јавните училишта во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, да ја усогласат својата организација, работа, статутите и другите општи акти со одредбите на овој закон. Рокот за усогласување на правилникот е поминат повеќе од 6 месеци. Согласност, пак, на статутот согласно член 98 од овој закон дава Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што рокот за усогласување на Правилникот со одредбите на Законот за средното образование е поминат, а прашањето за изрекување на педагошките мерки за учениците според Законот е предвидено да се уреди со друг акт кој се носи во друга постапка, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со закон.

6. Понатаму, на седницата Судот утврди дека со Одлуката бр.22/48 со која на Лозановски Гоце му се изрекува мерката отстранување од училиштето е поединечен акт за кој согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.173/96 )

Leave a Reply