201/1996-0-0

201/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на Одлуката за именување на помошник директор на ОУ “Гоце Делчев” од с.Подгорци, Струга.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Кукунешоски од с.Подгорци, Струга му поднесе иницијатива во која наведува дека го оспорува Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95), поради тоа што во истиот немало одредби за помошник директор, а во практиката ги имало, односно и понатаму се именувале помошници директори, и со која бара да се запре од извршување одлуката на директорот на ОУ “Гоце Делчев” – с.Подгорци, Струга, за именување на помошник директор до донесувањето на измената на законот.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

5. Од содржината на иницијативата Судот утврди дека предлагачот бара да се изврши дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95) со одредби кои што би го регулирале работното место помошник директор во основните училишта, и да запре од извршување поединечен акт од сферата на работните односи.

6. Со оглед на тоа што ваквото барање не може да се подведе под ниту еден основ за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува од наведените во член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Судот одлучи како во точката 2 од решението, бидејќи утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање од извршување на поединечниот акт наведен во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.201/96)

Leave a Reply