206/1996-0-0

206/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и врз основа на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 од Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кирил Димов од с.Кравари – Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 2 од актот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што не му било признато право на користење на воена пензија иако живеел на територијата на Република Македонија.

Понатаму, се наведува дека оспорената одлука била донесена врз основа на член 1 од Законот за мерките што можат да се преземат заради спречување и отстранување на нарушување на тековите на општествената репродукција на Република Македонија, а Законот со одлука на Уставниот суд У.бр.222/91 од 3 јуни 1992 година бил укинат. Со тоа, оспорената одлука останала без законски основ поради што била неуставна.

3. На седницата Судот утврди дека на 13 октомври 1994 година Судот ја оценувал во целина оспорената одлука на Владата на Република Македонија, вклучувајќи го и членот 2 и со решение У.бр.51/94 не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

Според мислењето на Судот, оспорената одлука уредува односи настанати од една фактичка ситуација на распаѓање на една држава и има за цел да овозможи остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување на оние лица кои се нашле на територијата на Република Македонија, а остварувањето на тие права е оневозможено поради престанувањето на постоењето на носителот на соодветните обврски. При тоа, со одлуката се опфаќа определена популација на која таа се однесува: тоа се пензионери-воени лица кои до еден критичен момент (31 март 1992 година) се определиле да останат во Република Македонија и своите права да ги остваруваат на нејзината територија и на нејзина сметка. Сите оние што не изразиле таква желба преку останување на територијата на Република Македонија, до тој датум претпоставка е дека немале интерес за остварување на своите права во Република Македонија, како еден од правните наследници на престанатата држава, туку во друга држава-наследник. Според тоа, сите што се наоѓале во онаа фактичка ситуација дефинирана со одлуката ( да го стекнале правото на пензија до определениот рок и да имаат постојано место на живеење во Република Македонија во тој миг) имаат еднаква правна положба во нејзината примена, а работа е на целесообразноста кој датум ќе се утврди како критичко време кое ќе ја определи популацијата на која ќе се однесува одлуката.

Судот констатира дека формална основа за донесување на оспорената одлука е член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90), (со кој се уредуваат видовите на акти што може да ги донесува Владата), додека нејзината материјална основа е член 1 од Законот за мерките што можат да се преземаат заради спречување и отстранување на нарушувањата на тековите на општествената репродукција на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91), со кој е утврдено овластување на Владата да презема вакви мерки. Судот, исто така, констатира дека наведениот закон престанал да важи, но дека во времето на донесувањето на оспорената одлука, тој бил во сила.

4. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одлука, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.206/96)

Leave a Reply